Sena Güler
04 Октомври 2017•Ажурирај: 04 Октомври 2017
ШАНЛИУРФА (АА) - Сириските бегалски кампови во југоисточната област Шанлиурфа се речиси подготвени за зимската сезона, јавува Anadolu Agency (AA).
Менаџерите на камповите на Суруч, Акчакале, Џејланпинар и Харан се подготвуваат за обезбедување помош во тешките зимски услови за речиси 80.000 бегалци.
„Сириските бегалци се обезбедени со ќебиња, греалки, теписи, храна, облека, обувки и средства за чистење“, изјави менаџерот за сместување во кампот во Суруч.
Тој за АА изјави дека старите шатори во камповите ќе бидат заменети со зимски шатори.
„Голем број невладини организации во Турција придонесоа за подготовките, со тоа што донираа зимски материјали за бегалците, особено Турското претседателство за справување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД) и Турската црвена полумесечина“, изјави менаџерот за сместување.
Тој посочи дека се обидуваат да создадат безбеднa и топла околина за бегалците и додаде: „Имаме околу 22.7000 бегалци тука (Суруч). Имаме 7.000 шатори во 14 населби. Нашите подготовки за зимата се во тек. Се обидуваме да го сториме најдоброто за нашите гости“.
Есма ел-Емрание, која престојува во кампот две години, изрази благодарност за помошта од страна на турското општество.
„Нашите шатори се излитени и како што времето заладува, така и на нас ни е сѐ постудено. Сега нашите шатори се заменети со подобри и веќе не ни студи“.
Енвер Исмаил, бегалец кој престојува во кампот е среќен бидејќи ги добил потребните работи.
Тој вели дека со помошта на бегалците кои престојуваат во кампот, наскоро ќе бидат завршени подготовките за зимски услови.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде неочекувано свирепи мерки против продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, повеќе од 250.000 лица се убиени, а над 10 милиони се раселени.