Ekipa
25 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Според новиот претседателски систем во Турција, ратификуван минатиот април и повторно потврден на вчерашните избори, администрацијата ќе биде насочена кон олеснато, брзо и ефективно донесување одлуки од областа на економијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Бројот на сродни министерства ќе се намали на половина, од шест на три, сега вклучувајќи го и новото Министерство за трезор и финансии, потоа Министерството за индустрија и технологија и Министерството за трговија.
Според овој модел, структурата на министерствата и ресорите ќе биде променета за да се обезбеди ефикасна координација.
Овој нов модел на управување ќе има три столба: производство, финансии и трговија, а ќе се фокусира на раст и транспарентност во економијата.
Според новиот претседателски систем на управување, Потсекретаријатот за трезор заедно со Министерството за финансии ќе се спојат, формирајќи го Министерството за трезор и финансии.
Министерството за наука, индустрија и технологија и Министерството за развој, исто така, ќе се спојат, формирајќи го Министерството за индустрија и технологија.
Целта на новокомбинираните министерства е да го поттикне развојот на вештачката интелигенција и да произведува престижни светски брендови, користејќи висока технологија, водечки интелигентни технологии и да ја направи Турција центар за производство на знаење.
Министерството за царина и трговија и Министерството за економија, исто така, ќе се спојат, формирајќи го Министерството за трговија, кое има за цел да го зголеми извозот до 500 милијарди долари и да го направи Истанбул главен финансиски центар во светот.
Министерството за сообраќај и инфраструктура ќе ги координира сообраќајот и инвестициите во инфраструктурата.
Министерството за храна, земјоделство и сточарство заедно со Министерството за шумарство и водостопанство ќе го формира новото Министерство за земјоделство и шумарство.