Handan Kazancı
25 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Турција е земја која не може да ја занемарат ни Соединетите Американски Држави (САД), ниту кој било нејзин сојузник, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот министер за надворешни работи денес во Анкара имаше обраќање пред претставници на муслиманската заедница од САД и истакна дека сите обесправени луѓе во светот и муслиманската заедница се молеле за победа на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Потсетувајќи дека синоќа го побарал шефот на палестинската дипломатија, Ријад ал Малики, и дека му рекол оти изборната победа на Ердоган претставува и победа на Палестина и Ерусалим (Кудс), Чавушоглу истакна дека Република Турција веќе 16 години не се грижи само за себе, туку и за сите обесправени заедници во светот.
„Нема да ги изневериме луѓето кои се молеа за Турција. Ние и понатаму ќе бидеме гласот на обесправените и на меѓународната платформа ќе работиме на нивните проблеми“, порача Чавушоглу.
Тој додаде дека Турција по вчерашните избори ќе биде уште посилна и постабилна.
„Силната Влада, Парламентот и сите институции ќе донесуваат одлуки побрзо, ќе реагираат и ќе прават исчекори. Ние добро знаеме дека сме конкуренција на светот и дека сме на почетокот на патот. На обесправените во светот ќе можеме повеќе да им помагаме, како што ќе ја зајакнуваме Турција и нејзината економија“, рече Чавушоглу.