АНКАРА (АА) - АЈЛИН СИРИКЛИ ДАЛ - Претседателот на Врховната изборна комисија на Република Турција (YSK), Сади Ѓувен, соопшти дека 57.093.985 гласачи имаат право на глас на локалните избори, кои во земјата ќе се одржат на 31 март.
Ѓувен за Anadolu Agency (AA) говореше за претстојните локални избори, како и за наводите за неправилностите во врска со евиденцијата на гласачите.
Според него, претподготовките за изборите за локалната самоуправа во голема мера се завршени.
Тој се осврна на наводите за бројот на починати лица евидентирани во избирачките списоци, за фиктивните гласачи, како и за можноста еден гласач да биде евидентиран два или повеќе пати, што се појавија во последните неколку дена.
„Природно е да дојде до одредени промени и грешки. Ние со политичките партии ги споделуваме информациите за изборите, со цел да имаме можност за жалба за овој вид грешки, кои може да се појават помеѓу два изборни периода. Покрај тоа, со политичките партии ги споделуваме и информациите за промените во изборниот процес, повторно, со цел да имаме можност за жалба“, објасни Ѓувен.
Тој појасни дека листите на гласачи се составени врз основа на податоците од терен, а ги опфаќаат вистинските информации за местото на живеење, ревидираните податоци за бројот на починати и родени и слично.
Ѓувен појасни дека листите се објавени за да може да се направат промени, доколку е тоа потребно.
Запрашан за можноста гласач да биде евидентиран двапати на списокот, Ѓувен потсети дека секој државјанин на Турција има единствен број и дека не е можно во системот да биде евидентиран двапати.
„Исто како што не постои можноста гласач да биде евидентиран двапати, така нема ниту лажни гласачи. Каде и да е регистриран, гласачот може да биде евидентиран само еднаш“, повтори Ѓувен.
Тој потсети и на потешкотиите за евиденција на гласачите, особено кога станува збор за изборот на селски старешини, кога гласачите од поголемите места одат во селата за да гласаат, и дека токму поради оваа причина евиденциите се поделени, за да може да се направат промени.
Ѓувен објасни и дека за 56.495 лица на претстојните избори, согласно судската одлука донесена врз основа на неколку критериуми, меѓу кои е и несовпаѓањето на информациите за местото на живеење, гласањето е оневозможено.
„Врховната изборна комисија ги вложува сите напори за гласачите да гласаат во местата каде што живеат“, додаде Ѓувен.
Тој се осврна и на податоците за починатите лица на избирачките списоци и додаде дека се земени евиденциите од Генералната дирекција за популација и државјанство направени до 1 јануари.
На добиената листа се наведува дека во периодот до 1 јануари имало над 6.000 лица постари од 100 години.
„По 1 јануари, откако се објавени прелиминарните листи, добивме дојави за 165 лица. Ги проверивме податоците и контактиравме со надлежните органи за да ги направиме проверките. Последните резултати покажуваат дека од нив седум лица се живи, а дека останатите се починати“, рече Ѓувен, потсетувајќи дека имињата на починатите нема да бидат на листите.
Контрола за бројот на починатите имаат намера да направат и една недела пред изборите.
Тој ги демантираше наводите дека на изборите може да гласаат и сириските бегалци и повтори дека може да гласаат само оние лица кои имаат државјанство на Турција, без оглед на тоа дали потекнуваат од некоја друга земја.
Ѓувен укажа на транспарентноста на изборниот процес и ги повика сите политички партии да помогнат за што поголема транспарентност.
news_share_descriptionsubscription_contact


