Emin Avundukluoğlu
16 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Комисијата за надворешни работи на турскиот Парламент го одобри неодамнешниот Договор меѓу Турција и Либија за воена соработка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Специјалниот претставник на Турција за Либија, Емрула Ишлер, истакна дека со договорот се запрени оние кои се обидуваат да ја игнорираат Турција во подрачјето на Источниот Медитеран.
„Со овој потег, Турција покажа дека е плејмејкер во регионот“, истакна Ишлер.
Додаде дека ова е чекор преземен против оние кои беа неправедни кон Турција.
Договорот ќе стане закон откако ќе биде ратификуван од Парламентот.
Со цел да обезбеди основа за односите и развојот на соработката меѓу Турција и либиската Влада на национално единство признаена од ОН, договорот вклучува зголемена соработка во размената на персонал, материјали, опрема, консултантски услуги и искуство меѓу двете страни.
Договорот, меѓу останатото, нуди и турска поддршка за формирање сили за брза интервенција за полицијата и војската во Либија, како и интензивирана соработка меѓу разузнавачките служби и одбранбената индустрија.
На 7 ноември, Анкара и либиската Влада со седиште во Триполи постигнаа два посебни меморандуми за разбирање - еден за воена соработка и еден за поморските граници на државите во Источниот Медитеран.
По договорот за воена соработка, претседателот Реџеп Таип Ердоган неодамна изјави дека Анкара може да размисли за испраќање трупи во Либија, доколку либиската Влада го побара тоа.
Договорот за поморските граници ги утврдува правата на Турција во Источниот Медитеран во услови на еднострано дупчење од страна на администрацијата на кипарските Грци, појаснувајќи дека Турската Република Северен Кипар исто така има права на ресурсите во подрачјето. Тој стапи на сила на 8 декември.