Özcan Yıldırım
23 Април 2022•Ажурирај: 24 Април 2022
АНКАРА (АА) - Во Турција денес се одбележува националниот празник Ден на националниот суверенитет и Ден на детето, а воедно и 102-годишнината од основањето на турскиот Парламент, односно Големото народно собрание на Република Турција, известува Агенција Анадолија (АА).
Еден од најважните национални празници во Турција традиционално се одбележува со бројни манифестации на кои учествуваат деца од земјата и од странство.
Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, ја предводеше државната делегација на централната церемонија со полагање цвеќе во комплексот Аниткабир во Анкара, мавзолејот на основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
На церемонијата присуствуваа и потпретседателот на Турција, Фуат Октај, претседателот на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, лидерот на Партијата на национално движење (МХП), Девлет Бахчели, лидерката на Партијата ИЈИ, Мерал Акшенер, и други официјални лица.
Државниот празник Ден на националниот суверенитет и Ден на детето се одбележува секој 23 април, на денот кога во 1920 година е отворено Големото народно собрание на Република Турција.
На денешен ден 1924 година одлучено е денот на основањето на Големото народно собрание да се одбележува како државен празник. Пет години подоцна, на 23 април 1929 година празникот им е подарен на децата.
Од 1929 година 23 април се одбележува како Ден на националниот суверенитет и воедно Ден на детето.