Mehmet Şah Yılmaz
18 Јуни 2021•Ажурирај: 19 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција го осуди изрекувањето на затворската казна на избраниот муфтија во Ксанти, Ахмет Мете, и порача дека таквата казна е уште еден пример на правните и политичките притисоци што ги трпат избраните муфтии во грчката Западна Тракија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кривичниот суд во Солун го осуди муфтијата Ахмет Мете на 15 месеци затвор поради нарушување на јавниот ред.
Според одлуката на судијата, Мете затворска казна ќе служи доколку во наредните три години изврши какво било кривично дело.
„Таквата пресуда е уште еден пример на правните и политичките притисоци кои ги трпат муфтиите кои по своја волја ги бираат припадниците на турската малцинска заедница во грчката Западна Тракија“, се наведува во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Турција.
Потсетувајќи на бројните пресуди на Европскиот суд за човекови права за кршењето на човековите права од страна на Грција, во соопштението на турското Министерство за надворешни работи се вели дека Грција со неосновано подигнување на судски постапки против муфтиите ги оневозможува тие избрани службеници во слободно извршување на нивните верски и општествени должности.
„Се надеваме дека оваа неправедна пресуда ќе биде променета во следната правна постапка. Уште еднаш ја повикуваме Грција да престане со притисоците што ги кршат основните права и слободи на муфтиите избрани од турската малцинска заедница во Западна Тракија. „Турција ќе продолжи внимателно да го следи почитувањето на правата и слободите загарантирани на турската заедница во Западна Тракија со меѓународни договори и норми“, се вели во соопштението.
Тужбата против муфтијата Мете е поднесена за наводно ширење јавен раздор и нарушување на јавниот ред и мир, а за сето тоа се товари поради говорот во кој 2016 година тој рече дека лидерот на Партијата за пријателство и мир (ДЕБ), Мустафа Чавушоглу, го потсетува на првиот претседател на Турската Република Северен Кипар, Рауф Денкташ.