Ayşe Yıldız
07 Јули 2021•Ажурирај: 08 Јули 2021
АНТАЛИЈА (АА) - Турскиот медитерански град Анталија, една од најпознатите туристички дестинации во светот, во првата половина на оваа година беше домаќин на над 1,5 милиони туристи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Анталија, наречена и „престолнина на туризмот“ ги привлекува туристите од разни земји со своето море, песок, сонце, како и со историските и природни убавини, културните зданија, античките локалитети и луксузните сместувачки капацитети.
Градот, кој секоја година е домаќин на милиони туристи, нуди здрав и безбеден одмор како дел од „Програмата за сертифицирање на безбеден туризам“, иницирана за време на пандемијата на коронавирусот од страна на Министерството за култура и туризам на Турција.
Над 1,5 милиони туристи ја посетија Анталија во првите шест месеци од оваа година и покрај пандемијата и ограничувањата на летовите од некои земји, според податоците на обласниот директорат за култура и туризам.
Градот беше домаќин на речиси 440.000 руски, над 429.000 украински, најмалку 145.000 германски и околу 90.700 полски туристи. По нив следуваат туристите од Полска, Швајцарија, Молдавија, Романија, Казахстан и Холандија.
Ферит Тургут, претседателот на претставничкиот Одбор на Медитеранскиот Регион на Унијата на турски агенции за патувања, за АА, изјави: „Важно е дека досега 1,5 милиони туристи пристигнале во градот. Тоа е подобра бројка од минатата година.“
Осврнувајќи се на фактот дека најголемиот број туристи има од Русија, Тургут рече дека според резервациите, бројот на туристи што ќе дојдат во јули и август се предвидува да биде поголем.
Нагласи дека вкупно 250 авиони од странство слетале во градот на 6 јули. „За време на викендот, на 3-4 јули, 650 авиони пристигнаа во Анталија од странство. Од авионите што пристигнаа во вторникот, 80 беа од Русија, 40 од Украина и 50 од Германија.“
Реџеп Јавуз, шефот на Работната група за туризам при Градскиот совет во Анталија, за АА изјави дека со доаѓањето на руските туристи, Анталија се обидува да се врати во старите времиња.
Нагласувајќи дека на 26 јуни во Анталија пристигнале вкупно 60.000 туристи, од кои 18.000 биле од Русија, Јавуз рече дека градот ќе има многу добра туристичка сезона во следните три месеци.