Gülşen Çağatay
08 Јули 2021•Ажурирај: 09 Јули 2021
АНКАРА (AA)
- Ѓулшен ЧАГАТАЈ
Егејскиот Регион, каде што се наоѓа речиси целиот инсталиран капацитет на геотермалната енергија на Турција, на инвеститорите и на локалното население им нуди можности да инвестираат во областите како што се производство на храна, здравство, одгледување во оранжерии, греење, ладење, сушење зеленчук и овошје, како и производство на електрична енергија.
Според информациите до кои дојде новинарот на АА, заклучно со крајот на месец мај, областа Ајдин се наоѓа на првото место во Турција според капацитетот на производство на електрична енергија од геотермални извори со 845,58 мегавати, по која следуваат Маниса со 380 мегавати и Денизли со 379,16 мегавати.
Заклучно со крајот на мај, вкупниот инсталиран капацитет на геотермална енергија во Турција надминува 1.650 мегавати, од кои Егејскиот Регион обезбедува 1.647 мегавати со својот геотермален потенцијал и инвестиции во приватниот сектор.
Геотермалната енергија, која се издвојува како обновлив и одржлив ресурс во зависност од подземните и реинјекциските услови, им нуди можности на инвеститорите и локалното население да инвестираат во различни области, првенствено во производството на електрична енергија со употреба на различни технологии, во храната, здравството, одгледување во оранжерии, греење, ладење, сушење на зеленчук и овошје.
- Доматите што се извезуваат во Европа созреваат со „геотермална“ енергија
Мухарем Балат, почесен претседател на МБ Холдинг, изјави дека „Dora-1 JES“, која е прва геотермална централа изградена од приватниот сектор во Турција, произведува електрична енергија во Ајдин без прекин од 2006 година.
Соопштувајќи дека го модернизирале системот со користење нови и еколошки приспособени технологии, Балат рече дека со целиот систем управува Централниот надзорен систем за контрола и собирање на податоци (SCADA), а геотермалните и реинјекциските бунари и вентили се контролираат со екологистички системи.

Гаје Неслихан Будакли, генерален директор на оранжеријата за земјоделство и храна на компанијата „Султан“ во Ајдин, која е една од подружниците на МБ Холдинг, изјави дека само домати одгледуваат на површина од 42 декари благодарение на топлата вода што доаѓа од геотермалната централа.
Изјавувајќи дека оранжеријата „Султан“ која се зема како оранжерија за пример во Европа, се загрева со употреба на енергија добиена од геотермални извори, Будакли продолжи со зборовите: „Годишната реколта изнесува околу 40 тони домати на декар. Нашиот објект е првиот од тој вид во Турција во кој се спроведуваат земјоделски активности користејќи геотермална енергија. Најголемиот дел од нашето производство го извезуваме во европските земји. Греењето со употреба на геотермални ресурси создава сериозна конкурентска моќ на странските пазари.“
- „Гаранцијата за набавка на електрична енергија треба да биде 15 години“
Џем Озќок, заменик-претседател на Управниот одбор на Здружението за геотермална енергија, изјави дека Турција е една од петте водечки земји во светот, покрај Кина, САД, Шведска и Германија, кои директно ја користат геотермалната енергија.
Посочувајќи дека во последните 10 години Кина во борбата против загадувањето на воздухот ја намали употребата на природен гас благодарение на геотермалното греење, при што 10 милиони куќи се загреваат со геотермални ресурси, Озќок додаде: „Покрај електрична енергија, и геотермалниот енергетски потенцијал на Турција поинтензивно може да се користи и во областа на греењето и во одгледувањето во оранжериите. Со цел добивање повисока ефикасност на геотермалната енергија и обезбедување повеќе можности за општеството, потребно е периодот за гаранција на купување на произведената електрична енергија да биде 15 години.“