Selma Kasap
08 Јули 2021•Ажурирај: 09 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека целта зад обидот за пуч на терористите на ФЕТО на 15 јули [2016 година] и целта за доведување на турската економија во криза се идентични, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денеска имаше свое обраќање на состанокот со градските претставници на владејачката Партија за правда и развој (AK Parti) во Анкара. Една од темите беше и обидот за пуч на терористичката организација ФЕТО, чија петта годишнина ќе биде одбележана на 15 јули.
„Подмолната цел која стои зад обидот за пуч на 15 јули и целта на плановите за доведување на нашата економија во криза се идентични“, рече Ердоган.
Осврнувајќи се на економските последици од пандемијата на коронавирусот, Ердоган нагласи дека државата ќе продолжи да им пружа поддршка на своите граѓани.
„Следејќи го глобалниот тек на пандемијата, развојот на економијата и другите прашања, во наредниот период би можеле да преземеме дополнителни чекори за поддршка на нашиот народ“, наведе Ердоган и додаде:
„За да станеме една од најмоќните држави во светот, мора без потешкотии да го продолжиме нашиот пат. Во тој поглед, изборите во 2023 година се многу важни.“