АНТАЛИЈА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека меѓународната заедница „не го положила испитот“ во управувањето со пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Советот за безбедност на ОН ја стави на дневен ред најголемата здравствена криза во историјата, 100 дена по избувнувањето на епидемијата”, изјави Ердоган за време на својот воведен говор на тридневниот Дипломатски форум во Анталија одржан во јужниот дел на Турција.
Повикувајќи да не се дозволи ширење на национализмот во однос на вакцините и да не се повторуваат грешките од пандемијата, Ердоган нагласи дека пандемијата на вирусот ја „изострила неправдата“ во светот.
Од декември 2019 година досега, пандемијата на новиот тип на коронавирус однесе над 3,84 милиони животи во 192 земји и региони од светот, со повеќе од 177,5 милиони случаи пријавени низ светот, според податоците што ги објави Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
- Енергетските ресурси во Источниот Медитеран треба да водат кон соработка -
Во врска со прашањето за енергетските ресурси во Источниот Медитеран, Ердоган изјави дека е во рацете на сите страни кои се вклучени во ова, да обезбедат да дојде до соработка, а не конфронтација.
Оваа година, Турција и Грција ги продолжија консултативните разговори за решавање на билатералните спорови во Егејското и Медитеранското Море.
Турција, земја со најдолг континентален гребен во Источниот Медитеран, ги отфрли барањата за поморските граници на Грчката администрација и на кипарските Грци и истакна дека овие прекумерни барања ги кршат суверените права и на Турција и на кипарските Турци.
Анкара минатата година испрати неколку брода за истражување на енергетските ресурси во Источниот Медитеран, потврдувајќи ги своите права во регионот, како и оние на Турската Република Северен Кипар.
Ердоган, исто така, нагласи дека Турција очекува да ја зајакне соработката во сите региони од Африка до Латинска Америка и од Пацификот до Азија во наредниот период.
„Верувам дека Дипломатскиот форум во Анталија ќе се претвори во терен каде што срцето на глобалната дипломатија чука со времето“, рече тој.
Дипломатскиот форум во Анталија, чиј глобален комуникациски партнер е Агенција Анадолија, ќе биде домаќин на 10 шефови на држави и влади, 42 министри за надворешни работи, тројца поранешни шефови на држави и влади, повеќе од 50 претставници на меѓународните организации и поранешни владини официјални претставници, се потврдува од Министерството за надворешни работи на Турција.
Дебатите од глобално значење, вклучувајќи ги Балканот, иднината на Европа, трансатлантските односи, бегалците и мигрантите, како и заканата од тероризам, ќе бидат длабоко анализирани за време на тридневниот Форум. Ќе има и седница за предлогот на Турција за Источно-медитеранската конференција.