Tevfik Durul
01 Јули 2020•Ажурирај: 02 Јули 2020
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хами Аксој, во врска со изјавите на американскиот Стејт департмент за Аја Софија, нагласи дека никој нема право да ги преминува границите и да зборува во стилот „предупредуваме, диктираме“ за суверените права на Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Аксој одговори на прашањето поставено до Министерството во врска со изјавата на американскиот Стејт департмент за статусот на Аја Софија.
„Зачудени сме од изјавата на американскиот Стејт департмент за Аја Софија“, нагласи портпаролот Аксој додавајќи дека се преземени „тивки револуционерни“ чекори за заштита на слободата на религијата и верувањето, што е загарантирано со Уставот и законите, без дискриминација за сите граѓани.
Во овој контекст, како што рече Аксој, Турција, во рамките на традицијата на толеранција која доаѓа од турската култура и историја, многу внимателно ги заштитува сите културни споменици, вклучувајќи ја и Аја Софија.
„Историската, културната и духовната вредност на Аја Софија со чувствителност ја заштитуваме од денот кога е освоена и преземена во сопственост на нашата земја“, нагласи Аксој.
Аксој потсетувајќи дека Аја Софија, како и сите културни споменици што се наоѓаат на територијата на Турција, се во сопственост на Турција рече:
„Секоја одлука за Аја Софија е внатрешно прашање на Турција во рамките на суверенитетот. Секој може да си го каже своето мислење, но никој нема право да ги премине границите и да зборува во стилот „предупредуваме, диктираме“ за нашите суверени права.“
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, ја повика Турција статусот на Аја Софија да го продолжи како музеј.