Sena Güler
09 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
ШАНЛИУРФА
Во текот на изминатата година во сириските подрачја Тел Абјад и Рас ал Ајн, расчистени од терористите со турската прекугранична антитерористичка операција, беа неутрализирани најмалку 711 терористи и беа спречени 71 обид за терористички напад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Канцеларијата на гувернерот во југоисточната област Шанлиурфа е издадено соопштение во кое се потсетува дека операцијата „Извор на мирот“, што беше лансирана на 9 октомври 2019 година против терористичките организации ЈПГ/ПКК и ДЕАШ во северниот дел на Сирија, со цел да се елиминира терористичкиот коридор воспоставен на јужната граница на Турција и да се воведе мир во регионот, била завршена успешно.
Во соопштението се вели дека се формирани локални безбедносни сили во регионот преку консултации обезбедени од турските безбедносни сили и се додава: „Активностите на Турските вооружени сили и на СНВ (Сириската национална војска) за спречување на инфилтрацијата на терористите во оперативната област продолжуваат без престан.“
Во соопштението се вели дека во текот на изминатата година во Тел Абјад биле фатени вкупно 349 терористи на ЈПГ/ПКК и 126 терористи на ДЕАШ, додека еден терорист на ЈПГ/ПКК e пронајден мртов.
Во Рас ал Ајн фатени се 221 терорист на ЈПГ/ПКК и 11 терористи на ДЕАШ, додека тројца припадници на ЈПГ/ПКК се пронајдени мртви.
Во Тел Абјад се уништени околу 19 ровови, 60 позиции, 10 засолништа, 21 тунел и армиран бетонски тунел долг 2 километри, додека во Рас ал Ајн биле уништени 303 тунели долги 27 километри.
„Во операциите досега се спречени 71 обид за терористички напад на ЈПГ/ПКК насочен кон локалните безбедносни единици и невините цивили во регионот“, се додава во соопштението.
За време на операциите е запленета и голема количина муниција и експлозив.
Од 2016 година Турција спроведе четири успешни прекугранични антитерористички операции во северна Сирија за да спречи формирање терористички коридор: „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018), „Извор на мирот“ (2019) и „Пролетен штит“ (2020).
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.