Emrah Gökmen
12 Април 2020•Ажурирај: 12 Април 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на своите граѓани од христијанска вероисповед со искрени чувства им го честита Велигден, еден од најголемите христијански празници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според Одделот за комуникации при турското Претседателство, претседателот Ердоган објави честитка по повод Велигден.
„На нашите граѓани христијани со моите искрени чувства им го честитам Велигден, еден од најважните празници“, нагласи Ердоган во честитката.
Нагласувајќи дека тие се членови на длабоко вкоренета цивилизација која на разликите гледа како на богатство со заемно почитување и љубов, Ердоган рече дека придаваат големо значење на тоа, сите граѓани, без оглед на нивните верувања, религија, деноминација и етникуми, слободно да ја живеат својата религија, култура и традиција.
- „Благодарам на нашите граѓани христијани кои ја поддржаа нашата кампања“ -
Наведувајќи дека целиот свет поминува низ тежок процес поради епидемијата Ковид-19, Ердоган рече дека поради мерките, граѓаните христијани оваа година нема да можат да се соберат во црквите за Велигден.
„Но, веруваме дека со спроведување на мерките, нашата земја ќе го преживее овој процес со најмала штета и во најкусо време сите ние ќе се вратиме во нормален тек“, нагласи Ердоган.
Тој, во пораката по повод Велигден, исто така им се заблагодари на граѓаните од христијанската вероисповед за поддршката на Националната кампања за солидарност.