Handan Kazancı
20 Март 2021•Ажурирај: 23 Март 2021
ИСТАНБУЛ/АНКАРА (АА) - Турскиот парламентарец Реџеп Шекер спаси бебе кое не можело да дише и чие срце во еден момент застанало во текот на летот од Киргистан кон Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пратеникот од турската владејачка Партија на правдата и развојот (AK Parti) за новинарите изјави дека кога станало јасно дека едномесечното бебе има проблеми, стјуардесите побарале негова помош, знаејќи дека е лекар.
„Бебето навистина ја смени бојата, не дишеше, срцето веќе беше запрено“, рече Шекер.
Откако Шекер успеал да го задржи јазикот на детето, што му го блокирал душникот, тој му направил масажа на срцето и на тој начин го спасил бебето.
„Семејството на бебето не зборуваше ниту турски ниту англиски“, рече турскиот парламентарец.
Откако авионот итно слета во главниот град на Турција, Анкара, бебето е пренесено во болница за понатамошни прегледи.
Авионот на „Туркиш ерлајнс“, во кој се одвивала вистинска драма со среќна завршница, летал на релација од Бишкек кон Истанбул.