Ömer Tuğrul Çam
19 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
БРИСЕЛ (АА) - Официјални претставници на Европската Унија (ЕУ) соопштија дека на состанокот меѓу претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лејен и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, фокусот ќе биде на тоа како да се развијат односи за соработка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претставник на ЕУ, потсетувајќи дека на Самитот на лидерите на ЕУ од 25 до 26 март, ќе се дискутира за односите меѓу Турција и ЕУ, рече дека денешниот состанок со Ердоган има за цел подготовка за Самитот.
„Ќе се разговара за прашањата како може да се обезбеди стабилност во Источен Медитеран и како ќе се развиваат односите со Турција засновани на заеднички интереси“, нагласи официјалниот претставник на ЕУ.
Истакнувајќи дека ќе се разговара и за преговорите меѓу Турција и Грција, официјалниот претставник на ЕУ рече дека на дневен ред се и можните кипарски преговори и регионалните прашања како што е прашањето за Либија.
Унапредувањето на агендата меѓу ЕУ и Турција, како што истакна претставникот на ЕУ, ќе зависи од соработката на Турција со ЕУ и од намалувањето на напнатоста.
Двете страни во рамките на агендата ќе може да соработуваат во областа на економијата, трговијата, миграциите и секторските политики.