Sinan Doğan
19 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
БОГОТА
Во оружен напад врз полициски конвој во Мексико животот го загубија 13 лица, од кои 8 полицајци, а тројца се ранети, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во вестите објавени во мексиканските медиуми се наведува дека во градот Харина сместен во јужниот дел од земјата, во федералната држава Мексико, вооружени лица поставиле заседа на полицискиот конвој кој придружувал вработени во Министерството.
Во вкрстениот оган под кој се најдоа лицата во конвојот, животот го загубија 13 лица, од кои 8 полицајци и 5 цивилни службеници, а тројца полицајци се ранети.
По нападот, напаѓачите избегале од местото на настанот.
Ранетите се префрлени во локалните болници.
Официјални лица информираа дека полицијата која западнала во заседата, спроведувала операции насочени против зголемениот број криминални активности во тоа подрачје.
Во заедничкото соопштение на Државното обвинителство и Секретаријатот за безбедност на федералната држава Мексико се вели дека напаѓачите им припаѓаат на картели на трговија со дрога.
За фаќање на напаѓачите во областа е испратена Националната гарда.
Откако Мексико во 2006 година започна борбата против наркокартелите, во меѓусебните судири досега животот го загубија повеќе од 300.000 лица. Во истиот период над 340.000 Мексиканци се раселени, а приближно 40.000 лица се исчезнати.