Faruk Zorlu
12 Април 2020•Ажурирај: 13 Април 2020
АНКАРА (АА) - Пациентите со Ковид-19 во Турција кои примаат терапија со конвалесцентна плазма реагираат позитивно на на лекувањето.
„Добиваме позитивни сигнали од лекарите кои се грижат за сериозно болните пациенти [подложени на имунолошка терапија со крвна плазма], изјави за Агенција Анадолија (АА) доктор Керем Киник, челникот на Турската Црвена полумесечина.
„Иницирана во почетокот на 1990-тите години, целта на терапијата е да се земат антитела од крвта на лице кое се излекувало од вирусот и да се пренесат на болен пациент“, додаде Киник, кој истовремено е и потпретседател на Меѓународната федерација на здуженијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IRFC) за Европа.
Нагласувајќи дека бројот на пациенти кои примале плазма е мал, рече дека причината за тоа е што „центрите за крв на Кизилај [Турската Црвена полумесечина] започнале со собирање плазма од првата група на болни со Ковид-19 неодамна“.
Првиот случај на коронавирус во Турција беше дијагностициран на 11 март, а првото излекување од вирусот на 26 март.
„Две недели по закрепнувањето на првиот пациент, во соработка со Министерството за здравство и универзитетот „Хаџетепе“, започнавме со применувањето на терапијата со конвалесцентна плазма.“
„Во наредните денови ќе се зголеми и бројот на дониран материјал и тогаш ќе можеме да ја испорачаме целата плазма во секоја пандемска болница“, рече тој.
Истакнувајќи ја важноста на терапијата со конвалесцентна крвна плазма како поддршка на постојните терапевтски начини за лекување на Ковид-19, Киник рече: „Еден донатор кој ќе се излекува од Ковид-19, може да донира шестпати за шест недели и по 400 милилитри. Ова значи дека еден оздравен случај може да излекува шест пациенти. Значи, ова е многу ефикасен метод.“
„Американската администрација за храна и лекови (ФДА), универзитетите во Кина и во Европа спроведоа научни истражувања за оваа терапија“, рече Киник, а третманот рутински се применува во европските земји, вклучувајќи ги Германија, Италија, Шпанија, Велика Британија.
Турција воведе дводневен полициски час во 31 област во земјата, кој стапи на сила на полноќ во петокот, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Полицискиот час не важи за оние кои спроведуваат процедури за погребување на први роднини и за секој што има закажано за дарување крв и плазма со Турската Црвена полумесечина.
Вирусот Ковид-19 за првпат беше детектиран во Кина минатиот декември, од каде што се прошири во околу 200 земји и региони, а епицентарот се префрли во Европа.
Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, во светски рамки пандемијата досега однесе речиси 109.000 животи, а над 1,77 милион се заразени.
Турција синоќа потврди уште 95 смртни случаи, со што бројот на починати достигна 1.101, а бројот на заразени изнесува 52.167. Вкупно 2.965 пациенти се излекувани и отпуштени од болниците.