Salih Bilici
12 Април 2020•Ажурирај: 12 Април 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, истакна дека имало побарувачка за медицинска помош од Израел, што ќе се реализира деновиве, и дека Турција ќе испрати помош и за Палестина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Осврнувајќи се на очекувањата за економската состојба на Турција, откако ќе заврши епидемијата на коронавирусот, Калин, како гостин на телевизијата „Си-ен-ен Турк“, истакна дека турската економија има цврста структура и дека има можности да се надомести состојбата за кратко време.
На прашањето како претседателот Реџеп Таип Ердоган ги поминува овие денови, портпаролот Калин рече дека претседателот Ердоган строго ги следи мерките, како што е социјално дистанцирање, невлегувањето во средини каде што има многу луѓе и дека не прима гости однадвор.
На прашањето која е моменталната агенда на претседателот Ердоган, на кое прашање се посветува најмногу внимание, Калин рече: „Во моментов, наш приоритет е да се спроведат тековните мерки, да се одржи јавниот ред и одредено ниво на производство. Исто така, приоритети ни се зголемување на капацитетите на кревети во болниците и зголемување на нивните медицински капацитети. Производство на маски, на заштитна облека, зголемување на комплетите за тестирање на Ковид-19, производство на лекови или увоз на лекови.“
Истакнувајќи дека многу индустриски компании почнаа да произведуваат маски, заштитна облека и медицински материјали, Калин рече дека здравствената инфраструктура на Турција е многу силна.
„Да не се инвестираше во здравството, болниците, градските болници и инфраструктурата за медицинска опрема, немаше да бидеме подготвени за епидемијата“, нагласи Калин.
Тој потсети дека епидемијата ги зафати сите земји, без разлика дали се работи за богата, сиромашна, источна, западна или мала, и нагласи: „Соочени сте со фактот дали сте подготвени за таквата епидемија. Се појави во Кина, но видовме колку се неподготвени европските земји. Видовме колку САД, најголемата економска сила, се неподготвени.“
Портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, осврнувајќи се на помошта што Турција ја испраќа на земјите во борбата против Ковид-19, рече: „Имаше побарувачка за медицинска помош од страна на Израел. Мислам дека ќе биде завршена деновиве. Истовремено ќе испратиме и во Палестина.“