Handan Kazancı
19 Март 2021•Ажурирај: 20 Март 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска разговараше со највисоките лидери на Европската Унија (ЕУ), односно со претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Разговорот е извршен преку видеоконференција, а присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, шефот на Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател, Фахретин Алтун и портпаролот на претседателскиот Кабинет, Ибрахим Калин.
Неименуван висок официјален претставник на ЕУ вчера за АА изјави дека највисоките официјални претставници на ЕУ на состанокот настојуваат да ја зајакнат соработката и односите во заемен интерес со Турција, кандидат за членство во Унијата.
„Преговорите ќе се фокусираат на тоа како да се обезбеди стабилност на Источниот Медитеран и да се развие кооперативен и заемно корисен однос со Турција“, изјави официјалниот претставник на ЕУ.
Состанокот на Ердоган со челниците на Европската Унија е организиран во пресрет на Самитот на лидерите на ЕУ кој ќе се одржи наредната недела и на кој односите со Турција ќе бидат една од точките на дневниот ред.
Турција и ЕУ на 18 март 2016 година потпишаа Договор за миграциите со кој е запрена големата мигрантска криза во Европа. Високиот комесар на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Џозеп Борел, во понеделникот изјави дека тој договор на некој начин ќе биде обновен и потсети дека негова цел било запирање на големиот бран мигранти кои се движеле кон Европа и подобрување на условите за сириските бегалци во Турција.
Властите на Турција, пак, често ја критикуваа Европската Унија поради неисполнувањето на ветувањата и финансиските обврски кои произлегуваат од тој договор.
ЕУ со договорот вети дека ќе го забрза процесот на интеграциски преговори со Турција и дека ќе го модернизира договорот за Царинската унија со Турција и ќе воведе визна либерализација за турските државјани во Шенген-зоната.
Тие чекори во повеќе наврати се блокирани од страна на неколку членки на Европската Унија и тоа поради билатералните спорови и тензии во Источниот Медитеран.
Турција е домаќин на речиси 4 милиони бегалци, повеќе од која било друга земја на светот. Властите на таа земја тврдат дека за грижата за бегалците од сопствени извори потрошиле повеќе од 40 милијарди долари, и дека Европската Унија би требало да стори повеќе во контекст на поделба на тој товар.