Турција, култура и уметност

Генералниот директор на АА, Казанџи: За „Istanbul Photo Awards 2021“ пријавени речиси 15.000 фотографии од 96 земји

Натпреварот, на кој се пријавија и многу наградувани фотографи, како и значаен број на хонорарни новинари, привлече големо внимание на глобалните медиумски организации и фотоагенции

Aişe Hümeyra Bulovalı  | 19.03.2021 - Обновена : 21.03.2021
Генералниот директор на АА, Казанџи: За „Istanbul Photo Awards 2021“ пријавени речиси 15.000 фотографии од 96 земји

ИСТАНБУЛ (АА) - Заврши процесот на пријави за „Istanbul Photo Awards 2021“, Меѓународниот натпревар во фотографии кој Агенција Анадолија (АА) го организира по седми пат.

На овогодишниот натпревар учествуваат 1.206 фотографи од вкупно 96 земји, кои низ објективи ги следеа глобалните случувања во 2020 година, а на натпреварот се пријавени 14.740 фотографии.

Натпреварот, на кој се пријавија и многу наградувани фотографи, како и значаен број на хонорарни новинари, привлече големо внимание на глобалните медиумски организации и фотоагенции.

Генералниот директор на Агенција Анадолија, Шенол Казанџи, изјави дека учеството на толку голем број на фотографи во време на пандемија претставува голем успех.

Казанџи се заблагодари на сите фотографи и фоторепортери кои зедоа учество на овогодишниот натпревар, а чии фотографии го отсликуваат времето кога престанаа патувањата, социјалниот живот и спортските активности во целиот свет.

„Во деновите во кои ги организиравме нашите натпревари минатата година, епидемијата на Ковид-19 сѐ уште го немаше зафатено светот во таа мера. Меѓутоа, годината која следуваше, буквално беше година на големо затворање. Искусивме уште една од пресвртниците во историјата на човештвото и го правиме тоа и понатаму. Во тој период речиси 15.000 фотографии, кои го претставуваат историскиот рекорд, се пратени на „Istanbul Photo Awards 2021““, изјави Казанџи, нагласувајќи дека тоа потврдува дека „Istanbul Photo Awards“ сега е глобална марка.

Овогодишното жири се состои од фоторепортерот на Агенцијата НООР (NOOR), Јури Козјрев, дигиталната уредничка во „Париз мач“ (Paris Match), Марион Мертенс, поранешниот шеф на дистрибуција на фотографии и развој на деловна активност на Агенцијата „Франс-прес“ (AFP), Мишел Ското, американската фоторепортерка и писателка Деборах Копакен, главниот спортски фотограф на Агенцијата „Гети имаџес“ (Getty Images), Камерун Спенсер, фоторепортерот Ахмет Сел, главниот уредник на Одделот за визуелни вести на АА, Хасан Ојмез, уредникот на фотографии на АА, Фират Јурдакул и фоторепортерот на „Ројтерс“ (Reuters), Горан Томашевиќ.

Повеќе информации за членовите на жирито се достапни на официјалната интернет-страница на натпреварот: www.istanbulphotoawards.com/Jury/.

Членовите на жирито на „Istanbul Photo Awards 2021“ ќе одржат онлајн состаноци од 4 до 6 мај, а победничките фотографии ќе бидат објавени на 11 мај.

Пријавите се вршени во шест категории: „Поединечна вест“, „Серија вести“, „Поединечен спорт“, „Тимски спорт“, „Низа фотографии за секојдневниот живот“ и „Серија портрети“.

Освојувачот на главната награда за Фотографија на годината ќе добие и парична награда во износ од 6.000 долари. Победниците на шесте категории ќе добијат по 3.000 долари, второпласираните по 1.500, а третопласираните по 1.000 долари. Исклучок се категориите „Низа фотографии за секојдневниот живот“ и „Серија портрети“, во кои парични награди ќе добијат само победниците.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.