Diyar Güldoğan
08 Септември 2023•Ажурирај: 09 Септември 2023
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигна во главниот град на Индија, Њу Делхи, за да присуствува на 18. Самит на лидерите на земјите членки на групата Г-20, јавува Анадолу.
Индија е домаќин на дводневниот самит, кој ќе започне утре под темата „Една Земја, едно семејство, една иднина“.
На самитот Ердоган ќе говори пред лидерите за чекорите што ги презема Туркије во однос на климатските промени.
Турскиот претседател, исто така, се очекува да одржи билатерални разговори со повеќе шефови на држави и влади на маргините на самитот.
Ердоган при посетата на Индија го придружуваат турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, министерот за трезор и финансии, Мехмет Шимшек, шефот на Националната разузнавачка служба (МИТ), Ибрахим Калин, и главниот советник на Ердоган, Акиф Чагатај Килич.
Самитот ќе се одржи во новоотворениот конференциски центар „Прагати Мајдан“ во културниот коридор „Бхарат Мандапам“.
Г-20 е меѓувладин форум кој првенствено се фокусира на економски прашања и е составен од 20-те најголеми светски економии - 19 земји и Европската Унија (ЕУ). Г-20 игра важна улога во обликувањето и зајакнувањето на глобалната архитектура и менаџирање на сите главни меѓународни економски прашања.
Земји членки на Г-20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Туркије, Велика Британија и Соединетите Американски Држави (САД).
Покрај членовите, мандатниот претседавач Индија ги покани и лидерите на Бангладеш, Холандија, Нигерија, Египет, Маурициус, Оман, Сингапур, Шпанија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Покрај меѓународните организации како што се Обединетите нации, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, Индија како гости ги покани и членовите на Меѓународната соларна алијанса, Коалицијата за инфраструктура отпорна на катастрофи и Азиската банка за развој.
Г-20 е исто така блиску до договор за прием на Африканската унија, блок од 55 земји, како членка на групата.
По самитот се очекува лидерите да усвојат декларација.