Muhammet Tarhan
09 Септември 2023•Ажурирај: 12 Септември 2023
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Туркије објави порака со сочувство и солидарност со луѓето кои ги загубија животите во земјотресот со интензитет од 7 степени според Рихтеровата скала кој го потресе Мароко, известува Анадолу.
„Му изразуваме сочувство на пријателскиот и братски народ, и на Владата на Мароко. Посакуваме Божја милост за луѓето кои ги загубија животите и брзо закрепнување на повредените“, се наведува во соопштението на турското МНР.
Во пораката се истакнува дека Туркије е подготвена, како и секогаш, да му пружи секој вид поддршка на Мароко, се цел да закрепне по земјотресот.
Најмалку 632 лица загинаа, а 392 се повредени во силниот земјотрес кој го потресе Мароко, соопшти денес мароканското МВР.
Смртни случаи во земјотресот со магнитуда од 7 степени се забележани во повеќе региони, вклучувајќи ги и провинциите Ал Хауз и Маракеш, како и во градовите Азилал, Уарзазат, Тароудант и Чичауа.
Ова е најсилен земјотрес што ја потресол оваа северноафриканска земја во последните 100 години, соопшти Националниот институт за геофизика на Мароко.
Геолошкиот завод на САД објави дека епицентарот на земјотресот, кој се случи во 23:10 часот по локално време, бил 75 километри југоисточно од Маракеш, на длабочина 18,5 километри.
Ситуацијата е посебно тешка во регионот Маракеш, каде бројни згради се урнати и голем број жители се под урнатините.
Земјотресот, исто така, се почувствува и во соседните земји Алжир и Мавританија.
Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани.
На социјалните мрежи луѓето објавуваат фотографии на сограѓани како излегуваат на улиците по земјотресот, како и од моментите на уривање на зградите.