Турскиот претседател во посета на Етиопија по повеќе од една деценија
Денешната посета на покана на премиерот Абиј Ахмед ќе биде прва посета на турскиот претседател по повеќе од една деценија
АДИС АБЕБА (АА) – Претстојната посета на Етиопија на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, доби широка медиумска покриеност во земјата, потенцирајќи го дипломатското значење на двете земји во момент кога двете држави одбележуваат 100 години од отворањето на турската Амбасада во главниот град Адис Абеба, јубилеј во билатералните односи што датираат уште од 16 век, јавува Анадолу.
И државните и приватните медиуми во голема мера ја прикажуваат посетата во позитивно светло, истакнувајќи ги долгогодишните врски, зголемената економска соработка и дипломатската улога на Анкара во регионот.
Посетата, закажана за денес, по упатената покана од страна на премиерот Абиј Ахмед, ќе биде прва посета на турскиот претседател по повеќе од една деценија.
Државната радиодифузна корпорација ја окарактеризира посетата како едно ниво погоре во поглед на билатералните односи. Во една статија за турскиот претседател, насловот го претстави како „архитект на новата Турција“.
Приватниот медиум „Адис стандард“ исто така извести за посетата на турскиот претседател, поврзувајќи ја со тензиите на Рогот на Африка и дипломатските ангажмани на Турција во регионот. Во написот се наведува дека двете земји се очекува да потпишат повеќе договори за соработка, кои веќе биле усогласени на официјално ниво.
Во друга вест, панафриканската дигитална медиумска платформа „Пулс оф Африка“, лансирана минатиот октомври од страна на премиерот Абиј, истакна дека Турција го зајакнува своето присуство во регионот на Црвеното Море и Рогот на Африка додека претседателот Реџеп Таип Ердоган престојува во Адис Абеба, со цел проширување на трговските, инфраструктурните и безбедносните врски.
Говорејќи на настан по повод одбележувањето на вековните билатерални односи, турскиот амбасадор во Етиопија, Берк Баран, изјави дека посетата на Ердоган претставува „возвишување на веќе силните врски“.
„Турција и Етиопија веќе уживаат стратегиски партнерства од повеќе аспекти, вклучувајќи ги политичките, економските и социјално-општествените односи“, изјави тој.
- Постојани политички врски и дијалози -
„Во овој амбивалентен глобален поредок, Турција и Етиопија изградија многу конзистентен и отворен однос без посредство на трети страни. Тоа треба да се зачува и зајакне“, изјави Емре Јасин Кекеч, независен истражувач со седиште во Турција, за Анадолу.
Аналитичарите велат дека односот е обликуван преку меѓусебно политичко разбирање, дури и кога националните интереси се разликувале.
„Верувам дека Турција ја разбира позицијата на Етиопија: тоа го видовме за време на спорот околу Нил, го видовме и за време на нивните барање за поморски пристап, и тоа произлегува од сличностите во географски контекст и историјата на државноста”, рече Ибрахим Мулушева, истражувач и раководител на аналитички центар со седиште во Адис Абеба, зборувајќи на панел-дискусијата по повод стогодишнината на односите.
Тој рече дека оваа заедничка перспектива овозможила директна соработка помеѓу двете земји.
„Турското разбирање понекогаш можеби не е целосно усогласено, но барем и двете земји ги гледаат перспективите, и токму поради тоа се создадоа дијалошки и директни односи, што исто така ѝ овозможи на Турција да успее во посредувањето при многу чувствителни регионални прашања, како што е спорот помеѓу Етиопија и Сомалија, кој беше решен преку историската Декларација од Анкара“, рече тој.
- Врските меѓу луѓето се основа за меѓудржавна соработка -
„Стогодишната дипломатија меѓу луѓето е основната карактеристика на билатералните односи помеѓу Турција и Етиопија, забележувајќи дека посетата на претседателот Ердоган означува ново ниво на билатералните врски“, изјави Баран на панел-дискусијата по повод стогодишнината од официјалните билатерални односи.
Аналитичарите исто така велат дека партнерството е одржано, не само преку формалната дипломатија, туку и преку општествените врски.
„Најчесто разговорите се вртат околу политичката дипломатија додека вистинскиот мост се врските меѓу луѓето“, изјави Кекеч.
Истражувачите исто така го истакнаа значењето на културната дипломатија во формирање на јавното мислење.
„Културната, општествената и уметничката дипломатија често се занемаруваат бидејќи најчесто се засенети од политичката дипломатија. Сепак, во етиопскиот контекст, турските телевизиски серии, студентите како мене кои студирале во Турција и културната резонанција придонеле земјата да биде позитивно прикажана низ целиот регион“, рече Абдулазиз Дино, предавач на Универзитетот во Адис Абеба, кој има докторат од Универзитетот од Анкара.
„Во овој непостојан глобален поредок, традиционалната дипломатија, иако игра витална улога, би имала многу помало влијание ако не е поддржана од медиумите, културниот и општествениот капитал“, додаде тој.
Според експертите, посетата на Ердоган ја одразува и симболиката на стогодишниот јубилеј и напорите на двете земји да ги зајакнат врските кои се темелат на историската блискост, дипломатскиот дијалог и долгогодишните општествени врски.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
