Deniz Açık,İsmail Özdemir
18 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
ЧАНАККАЛЕ
Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, денеска изјави дека сите земји и заедници имале само корист од пријателските и мировните односи со Турција и дека така придонеле за ширењето на мирот во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Низ Турција денеска на различни начини се одбележува Денот на сеќавање на шехидите и 106. годишнина на Поморската битка на Чанаккале. Во Европа попозната како Битка на Галиполе, е една од најкрвавите и најжестоки битки во Првата светска војна, но по многу показатели и во историјата воопшто.
Иако без масовни собири поради актуелните мерки за превенција од ширењето на коронавирусот, Денот на шехидите и годишнината на Поморската битка на Галиопле денеска се одбележува во поголемиот дел од турските градови во кои делегациите положија венци.
Централната манифестација традиционално е одржана на Споменикот на шехидите на Чанаккале, каде што присуствуваа голем број турски официјални претставници, вклучувајќи го и претседателот на турскиот Парламент, Шентоп, турскиот министер за транспорт и инфраструктура, Адил Караисмаилоглу и министерот за култура и туризам, Мехмет Нуриј Ерсој.
Претседателот на турскиот Парламент, Мустафа Шентоп, во обраќањето на присутните изјави дека е тешко со зборови да се опише славната борба и победата која е извојувана на Чанаккале.
„Турција денеска е меѓу најсилните земји на светот со динамична популација од 84 милиони, модерен државен апарат, развиена економија и со најхрабри вооружени сили кои ја извојуваа епската победа“, порача Шентоп.
Потсетувајќи на старата турска народна изрека дека водачот може да спие, но не и непријателот, Шентоп изјави дека мора да се каже дека и по повеќе од еден век, некои земји не се откажале од непријателството и обидот за напади и загрозување на Турција, тоа што турскиот народ со ништо не го заслужил.
„Непријателите пред сто години се собраа и во воени униформи ги облекоа робовите од азиските и африканските земји кои ги колонизираа и ги доведоа да ја пролијат крвта на нашата војска, да ги срушат и запалат нашите градови и да го уништат нашиот народ. И денес посегнуваат по слични методи и водат посредувачки војни“, порача Шентоп.
Делегацијата на областа Чанаккале положи венец на спомен-обележјето на Мустафа Кемал Ататурк на Плоштадот на Републиката.
Со церемонијата на интонирање на турската химна и подигнувањето на знамето е оддадена почест на шехидите на Чанаккале.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оддаде почест на шехидите на Чанаккале и порача: „Чанаккале претставува величествен еп на нашите херојски предци против нападите на нашата света вредност и постоењето на Турците во Анадолија.“
Поморската битка која меѓу 3 ноември 1914 година и 18 март 1915 година е водена кај Галиполе, како и копнената битка која на Галиполе се одвиваше од 25 април 1915 до 9 јануари 1916 година, се битки кои заземаат најзначајно место во Турицја, па и во историјата на сите муслимански народи на овој дел од светот.