Sarp Özer
13 Јуни 2021•Ажурирај: 15 Јуни 2021
ТРИПОЛИ (АА) - Турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, ја повтори поддршката на Турција за Либија за време на посетата на земјата пред утрешниот Самит на НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар вчера се сретна со либиските воени претставници и ја посети Командата на специјалната група за задачи во Либија.
Обраќајќи се на персоналот во Командата, Акар ги истакна долгогодишните пријателски односи меѓу Турција и Либија.
„Турција е татковина за Либијците и Либија е татковина за Турците“, рече Акар.
Тој нагласи дека братскиот однос меѓу двете земји „отсега ќе продолжи со растечко темпо“.
Истакнувајќи дека Турција ќе продолжи да го прави она што треба да се направи за единството, интегритетот и безбедноста на Либија, Акар додаде: „Причината поради која сме тука мора да се разбере многу добро.“
Висока делегација од Турција вчера ја посети Либија по инструкции на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Дел од делегацијата, предводена од министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, беа министерот за национална одбрана Хулуси Акар, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу, началникот на Генералштабот, Јашар Ѓулер, шефот на турското разузнавање, Хакан Фидан, шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, и портпаролот на Претседателството, Ибрахим Калин.
Министерот Чавушоглу преку Твитер соопшти дека делегацијата остварила средби со Халид ал Машри, претседателот на Високиот државен совет, Мухамед ал Менфи, челникот на Претседателскиот совет, со премиерот Абдулхамид Дбеибе и со државниот министер за комуникации и политички прашања Амар ал Лафи.
Во Либија од неодамна има позитивен развој на случувањата откако на 5 февруари ривалските партии се согласија за формирање единствен извршен орган што ќе управува со земјата до изборите закажани за 24 декември.
Либијците се надеваат дека новата влада ќе стави крај на повеќегодишната граѓанска војна што ја опустоши земјата по соборувањето и убивањето на долгогодишниот лидер Моамер Гадафи во 2011 година.