Diyar Güldoğan,Alperen Aktaş
27 Март 2024•Ажурирај: 28 Март 2024
ИСТАНБУЛ/ВАШИНГТОН (АА) - Туркије синоќа ги отфрли наводите за соработка со Израел, особено соработката заснована на полето на одбраната, бидејќи тоа ќе им наштети на Палестинците, пренесува Анадолу.
„Не е можно Република Туркије, која отсекогаш ја поддржувала Палестина, да врши или да се вклучи во каква било активност што би им наштетила на Палестинците“, соопшти турското Министерство за национална одбрана.
„Министерството за национална одбрана нема никакви активности со Израел, вклучително ни воена обука, вежби, ни соработка во одбранбената индустрија“.
Соопштението дојде по наводите на некои медиуми дека Туркије продолжува да извезува барут, оружје и муниција во Израел.
Министерството нагласи дека тековните акти на насилство на Израел во Појасот Газа насочени кон болници, училишта, места за богослужба, бегалски кампови и цивили, за жал, продолжуваат „без правење разлика“.
Исто така, Центарот за борба против дезинформации при турската Дирекција за комуникации ги отфрли наводите откако испита неколку објави на социјалните мрежи.
„Продуктите од 93-тото поглавје од наводната листа за извоз не се воено оружје и муниција туку резервни делови и додатоци за нежлебани пушки и опрема за риболов што се користат за индивидуални цели, како што се спорт и лов“, објавено е на платформата Х.
Според податоците на Турскиот статистички институт (ТУРКСТАТ), од мај 2023 година нема извоз на пушки за спортски и ловечки цели, се додава.
„Производите кои се извезуваат под називот „Барут и експлозиви, пиротехнички производи, кибрити, пирофорни легури, запаливи препарати“ од 36-тото поглавје од извозната листа се „гел гориво и течност за запалки“.
„Утврдено е дека се направени обиди да се манипулира со јавното мислење за производите вклучени во поглавјата на Царинската тарифа и извезувани од приватни компании“, се додава.
Од израелскиот напад на Појасот Газа што почна на 7 октомври и долго пред тоа, Туркије е непоколеблива во својата поддршка за Палестина.
Израел започна смртоносна воена офанзива врз палестинската територија по прекуграничниот напад на Хамас.
Во израелските напади оттогаш загинаа над 32.400 Палестинци, а речиси 74.800 се повредени.
Според податоците на Обединетите нации, војната принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а поголем дел од инфраструктурата на енклавата е оштетен или уништен.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремената одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.