Necva Taştan
14 Октомври 2023•Ажурирај: 14 Октомври 2023
АНКАРА (АА) - Третиот турски авион со хуманитарна помош за цивилите во Појасот Газа денес полета од главниот град Анкара, јавува Анадолу.
Воениот авион, во рамки на соработката помеѓу Министерството за национална одбрана, турската Црвена полумесечина и Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), ќе ја достави неопходната помош за жителите на Газа.
Авионот ќе слета на Меѓународниот аеродром „Ел Ариш“ во Египет, кој се граничи со Појасот Газа.
Помошта, која вклучува лекови, медицински материјали, храна која не се расипува, конзервирани продукти, ќебиња и пелени, ќе влезат во Газа преку граничниот премин Рафа.

Првите два авиони со хуманитарна помош на Туркије за цивилите во Газа слетаа во Египет вчера (петок).
Конфликтот започна минатата сабота кога Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел, ненадеен напад од повеќе страни, со лансирање ракети и инфилтрација во Израел преку копно, море и воздух.
Хамас соопшти дека операцијата е одмазда за рациите во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и зголеменото насилство на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ против позиции на Хамас во Појасот Газа.
Одговорот на Израел се прошири со прекин на снабдувањето со вода и електрична енергија за Газа, дополнително влошувајќи ги условите за живот во областа што е под опсада од 2007 година, како и со наредба за евакуација на 1 милион жители од северна Газа за помалку од 24 часа.
Од избувнувањето на судирот загинаа повеќе од 3.300 лица, од кои 1.900 Палестинци и 1.400 Израелци.