Zehra Aydın Turapoğlu
28 Декември 2021•Ажурирај: 29 Декември 2021
АНКАРА
Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, во Анкара се состана со претседателката на Собранието на Албанија, Линдита Никола, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп прво се состана со Никола, а потоа следуваше состанок на делегациите.
Турскиот официјален претставник изјави дека Албанија и албанскиот народ заземаат посебно место во срцето на турскиот народ, а изрази и задоволство од подигањето на билатералните односи на ниво на стратешко партнерство.
Шентоп изјави дека Турција со инвестициите од 3,5 милијарди долари е најголем странски инвеститор во Албанија.
„Повеќе од 600 наши компании кои работат во Албанија, вработуваат околу 15.000 луѓе. Нашата цел е обемот на трговијата да го подигнеме на ниво од милијарда долари“, нагласи Шентоп.
Шентоп истакна дека го поддржуваат процесот на членство на Албанија во Европската Унија и дека се разочарани што не е организирана конференција меѓу Владата на Албанија и ЕУ.
„Се разбира, со години сме навикнати на двојните стандарди на ЕУ. Доцнењето на ЕУ во носењето одлуки и немањето визија во овие процеси има негативно влијание на многу прашања, особено на Балканот“, рече Шентоп, кој како пример ги наведе Босна и Херцеговина и Косово.
Тој се осврна и на фактот дека пандемијата на Ковид-19 го зафатила целиот свет и покажала колку е важна хуманитарната димензија на меѓународните односи. Се осврна и на појавата на новите варијанти на коронавирусот.
„За неколку дена можевме да ја видиме мутацијата од Јужна Африка во Холандија, Велика Британија. Неколку дена подоцна можевме да ја видиме и во Австралија. Луѓето во Западна Европа генерално ја разбираа глобализацијата како брз проток на пари, слободно движење, особено на луѓе и стоки, но и на болести и вируси кои слободно се движат на глобално ниво. Како што болеста е глобална, така и терапиите, лековите и вакцините треба да бидат глобални.“
Тој потсети дека по директива на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, медицинска помош е испратена во 156 земји во светот.
Посочи и на фактот дека неодамна е одобрена турската вакцина Турковак.
„И јас ја примив Турковак како бустер доза. Сакаме што поскоро да ја споделиме со пријателските и братски земји, во согласност со нашите можности“, рече Шентоп.
Никола рече дека Турција е значаен пријател на Албанија. Таа ѝ се заблагодари на Турција за помошта по земјотресот во Албанија во 2019 година.
Изјави дека Турција е со Албанија не само во добри, туку и во лоши времиња.
„Додека сега сме на оваа средба, нешто многу убаво се случува во Албанија. Дури 524 семејства во јануари ќе добијат покрив над глава. Тоа е благодарение на вашиот претседател и на турските власти“, рече Никола.
Се осврна и на болницата што Турција ја изгради во Албанија.
„Да се изгради регионална болница за период од година и три месеци изгледаше како сон. Но, тоа се случи и тоа е многу важно за нас. Сето ова е благодарение на вашата помош. Навистина сакам да ви се заблагодарам за поддршката што ѝ ја дадовте на Албанија“, рече претседателката на Собранието на Албанија.
Таа ги повика турските компании да инвестираат во Албанија.
Никола и Шентоп потоа го посетија подрачјето на Собранието во Анкара што беше бомбардирано за време на обидот за пуч на терористите на ФЕТО на 15 јули 2016 година во Турција.