Barış Gündoğan
24 Јули 2021•Ажурирај: 25 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со пригодна порака ја одбележа годишнината од повторното отворање на Аја Софија за молитва, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод годишнината, Ердоган сподели видео на својот профил на социјалните мрежи со фотографии од првата петочна молитва (џума намаз), извршена минатата година, по 86 години.
„Нека е среќен и честит препородот на Аја Софија, која стана симбол на повторниот подем на нашиот цивилизациски светилник“, порача Ердоган и додаде:
„Благодарност до нашиот Господар што ги дочекавме овие денови... Се надевам дека гласот на повикот за молитва [езанот] и салаватите нема да престанат до Судниот ден“, рече Ердоган.
- Аја Софија по 86 години повторно се отвори за верски обреди -
Аја Софија во Истанбул на 24 јули 2020 година, по 86 години, е повторно отворена за верски обреди. На тој ден, Аја Софија беше отворена за молитви со џума намазот.
Аја Софија служела како црква 916 години, сè до освојувањето на Истанбул, а имала статус на џамија од 1453 до 1934 година, кога доби статус на музеј.
Турскиот суд на 10 јули 2020 година ја поништи одлуката на некогашната влада на земјата, со која на 24 ноември 1934 година на Аја Софија ѝ беше доделен статус на музеј. Со поништувањето на споменатата одлука, на Аја Софија ѝ е вратен статусот на џамија.
Како една од најпосетуваните туристички дестинации во градот на Босфорот, Аја Софија од 1985 година е ставена на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.