Kaan Bozdoğan
31 Март 2019•Ажурирај: 01 Април 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, изјави дека изборниот ден во земјата тече мирно и во духот на демократијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Сојлу, заедно со својата сопруга Хамдие Сојлу гласаше во истанбулската населба Газиосманпаша.
„Досега не се регистрирани инциденти. Полициските службеници се грижат за безбедноста и граѓаните денеска во мир и благосостојба излегуваат на гласачките места. Денес зборот го има народот“, рече Сојлу, додавајќи дека денот на изборите минува во демократски дух.
Избирачките места во источниот дел на Турција утрово беа отворени во 7:00 часот по локално време, додека избирачките места во западниот дел на државата се отворени од 8:00 до 17:00 часот.
Вкупно 12 политички партии учествуваат на изборите на кои граѓаните денеска ја избираат локалната власт со мандат од пет години.
На изборите учествуваат вкупно 73 независни кандидати за функцијата градоначалник, а право на глас имаат 57 милиони граѓани.
Турција ја сочинуваат вкупно 81 област, меѓу кои има 30 метрополи, вклучувајќи ги и Истанбул и Анкара.
Во 30 големи градови во Турција регистрирани се 44.212.704 гласачи кои денес ќе гласаат на 142.777 избирачки места. Во преостанатите 51 град се регистрирани 12.837.077 гласачи кои гласаат на 51.851 избирачко место.
Избирачките места ќе бидат отворени и во затворите низ целата земја.
Болните и гласачите кои не можат да се движат, ќе гласаат преку мобилните избирачки места кои првпат беа применети во Турција на минатогодишните претседателски и општи избори.
Гласачите во Турција избираат градоначалници за поголемите градови, градоначалници на општини, како и градски или обласни и општински совети.
Гласачите ќе ги изберат и најниските инстанци на локалната власт во Турција, односно одговорните лица на селата - мухтарите, како и советите.
Пребројувањето на изборните резултати ќе започне по затворањето на избирачките места, а АА директно ќе известува за целиот тек на изборниот процес преку приложените инфографички и картографски прикази.