Selma Kasap
08 Септември 2020•Ажурирај: 09 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Емине Ердоган, сопругата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, се сретна со бебето Мухамед и со членовите на неговото семејство Мосајтиф, коишто се згрижени во Турција по бомбардирањето на сирискиот град Хама, јавува Агенција Анадолија (АА).
Семејството Мосајтиф по бомбардирањето на градот Хама најпрвин се засолни во кампот во Идлиб, а потоа по инструкциите на Министерството за внатрешни работи на Турција е донесено во Турција.
Емине Ердоган во Претседателскиот комплекс се сретна со бебето Мухамед, кое е родено без раце и нозе, и со неговото семејство. Од претседателот на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), Мехмет Ѓулуоглу, се здоби со информации за здравствениот статус на бебето. За време на посетата, Емине Ердоган беше придружувана од нејзиниот внук Садик Ејмен Албајрак.
Семејството Мосајтиф, заблагодарувајќи им се на претседателот Реџеп Таип Ердоган и на неговото семејство, изрази благодарност до турскиот народ за гостопримството.
- Здравствените прегледи се извршени во Турција -
Семејството Мосајтиф, со двете деца, од кои едното е родено без раце и нозе, живееше во еден камп во Идлиб, северозападна Сирија.
Министерството за внатрешни работи на Турција, откако преку веста објавена во медиумите се запозна со драмата на семејството, во соработка со АФАД стигна до него.
Мајката Кевсер Мосајтиф (25), таткото Халит Мосајтиф (30), Хутун (5) и Мухамед (14 месеци) се донесени во турски Хатај. Здравствените прегледи на семејството се направени во болницата „Мустафа Кемал“.
Кабинетот на претседателот, Министерството за внатрешни работи и официјалните претставници на АФАД се мобилизираа за Мухамед, кој е роден без раце и нозе.
Семејството во петокот беше пренесено во Анкара. Потоа беа направени потребните здравствени прегледи за да може на малиот Мухамед да му се стават протези. Првата цел на турските лекари, кои ќе дадат сè од себе за 14-месечниот Мухамед, е тој да стане на нозе, а потоа и да прооди.
- Мухамед ќе се здобие со протези на рацете и нозете -
Во својата објава на социјалните медиуми, за посетата на семејството Мосајтиф, Емине Ердоган напиша:
„Сириското семејство Мосајтиф и бебето Мухамед, кое се роди без раце и нозе, беа наши гости. Бебето Мухамед, до кое стигнавме со соработката на Министерството за внатрешни работи и АФАД, ќе добие протези. Се надеваме дека во најкратко време ќе видиме како си игра.“
Во меѓувреме беше наведено дека трошоците за лекување на бебето Мухамед ќе ги плати еден хуманитарец.