Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
08 Септември 2020•Ажурирај: 09 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес потврди дека сите активности на Турција во Источниот Медитеран се во согласност со регулативите на НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на заедничката прес-конференција со неговиот колега од Конго, Жан-Клод Гакосо, Чавушголу изјави: „Нашите воени вежби во и [во Источниот Медитеран] се во согласност со правилата на НАТО.“
Изјавите на Чавушоглу следеа како одговор на прашањето поврзано со изјавата на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендијас, кој тврдеше дека Турција ги изведува вежбите со боева муниција.
Чавушоглу понатаму се осврна и на неподготвеноста на Атина за дијалог со цел ублажување на тензиите и потсети на иницијативите за помирување од страна на ЕУ и НАТО.
„Грција јасно стави до знаење дека не е за дијалог со тоа што кажа „не“ на неодамнешните иницијативи [за помирување]“, истакна тој.
Шефот на турската дипломатија понатаму ја истакна неопходноста да се има принципиелен став и да се постапува чесно, повикувајќи ја Грција да седне на преговарачката маса.
Грчките власти ги оспоруваат актуелните турски истражувања на енергетските ресурси во Источниот Медитеран и се обидуваат да ја загрозат поморската територија на Турција врз база на спорните тврдења за критериумот за присуство на малите грчки острови во близина на турскиот брег.
Турција, земја со најдолго крајбрежје на Медитеранот, испрати бродови за истражување на енергетските ресурси во рамките на нејзиниот континентален гребен, нагласувајќи дека и Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК) имаат права во регионот.