Dilara Hamit
22 Јуни 2020•Ажурирај: 23 Јуни 2020
ДИЈАРБАКИР (АА) - Продолжува протестот на мајките во југоисточна Турција против терористичката организација ПКК, на кој родителите бараат враќање на нивните киднапирани деца, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите од пред канцелариите на опозициската Демократска народна партија (HDP) во југоисточната област Дијарбакир ветија дека ќе останат сè додека не се врати и последното дете.
Десетици мајки започнаа со протестот на 3 септември 2019 година пред седиштето на партијата, која се товари за поврзаност со терористичката организација ЈПГ/ПКК.
На 294-от ден на протестот, мајката Сонѓул Алтинташ рече дека нема да престане со протестот пред партијата сè додека не се врати нејзиниот син Муслим, киднапиран од ПКК.
Таа вели дека прво бил однесен во канцеларијата на Демократската народна партија (HDP), а потоа во камп на терористичката организација во планините во регионот.
Алтинташ вели дека својот син го бара веќе шест години и дека бара од ПКК да го вратат.
„Нека го прекинат овој прогон, доволно е. Ние шест години плачеме, нашиот живот е завршен“, рече таа.
На протестот е и Сулејман Ајдин, татко кој трага по својот син Озкан пет години.
Ајдин рече дека неговиот син бил киднапиран кога имал 15 години од Сур, област во Дијарбакир.
„Пред седиштето на партијата која ни ги киднапираше нашите деца сме точно 294 дена. Неодамна, пратеници и службеници на партијата играа тука како ништо да не се случува. Дали е ова вашето разбирање за демократијата, ХДП? Дали вака ќе го претставувате народот? Дали вака ќе нè претставувате, праќајќи деца на 14-15 годишна возраст во планините?“, извика тој.
Прекршителите на законот во Турција поврзани со терористичките организации, кои ќе се предадат, имаат право на намалување на казната според Законот за покајание.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца. ЈПГ е нејзин сириски огранок.