Ömer Faruk Yıldız
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
ЖЕНЕВА
Светската здравствена организација (СЗО) го повтори своето барање за помош од 23 милијарди американски долари, објавено минатата година, за да се достават потребните алатки во борбата против Ковид-19 до земјите кои имаат потреба и Ковид-19 да се стави под контрола, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение објавено на веб-страницата на СЗО дадени се информации за обновената стратегија и буџетското планирање на иницијативата „Забрзан пристап до алатките за борба против Ковид-19“ (ACT-A).
Според соопштението, значителен дел од светската популација сѐ уште не може да стигне до вакцината, опрема за тестирање и третман на Ковид-19.
„Од почетокот на епидемијата во светот реализирани се 4,7 милијарди тестови за Ковид-19. Во земјите со ниски приходи, направени се 22 милиони тестови, значи само 0,4 отсто од населението на овие земји“, се нагласува во соопштението.
Исто така, се вели дека само 10 отсто од вкупното население во земјите со ниски приходи можеле да ја примат вакцината против Ковид-19.
- Нееднаквоста во вакцините доведува до појава на нови варијанти
Се нагласува дека нееднаквоста во пристапот до вакцините и другите средства за борба против Ковид-19, освен што предизвикува загуба на животи, доведува и до ризик од појава на нови и поопасни варијанти на Ковид-19.
Од развиените земји побарани се 16,8 милијарди долари за да се затвори финансискиот јаз меѓу земјите со високи и ниски приходи во борбата против епидемијата до септември 2022 година.
Се наведува дека земјите со среден приход имаат за цел со самофинансирање да обезбедат 6,5 милијарди од 23 милијарди долари помош што ги бара иницијативата „Забрзан пристап до алатките за борба против Ковид-19“ (ACT-A).
Доколку се соберат бараните пари, на краток рок ќе се создаде базен за пандемски вакцини од 600 милиони дози, што ќе придонесе за целите за вакцинација на 70 отсто од светската популација до средината на оваа година, како и 700 милиони тестови за Ковид-19, 433 милиони кубни метри кислород, 1,7 милиони заштитни одела и друга опрема неопходна за лекување на 120 милиони пациенти со Ковид-19.
- Глобалната вонредна состојба на Ковид-19 може да заврши оваа година
Генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, нагласувајќи дека ширењето на омикрон-варијантата на Ковид-19 ја направи потребата за пристап до алатките за борба против вирусите многу поитна, рече: „Ако земјите со висок приход фер придонесат во иницијативата AКT-A, ова партнерство ќе помогне да нема недостиг на вакцина, тестови и лекови во земјите со среден и низок приход.“
„Благодарение на науката, светот имаше можност да пристапи до алатките за борба против Ковид-19. Ако овие алатки се дистрибуираат праведно во светот, можеме да го елиминираме Ковид-19 од глобалната вонредна состојба оваа година“, нагласи Гебрејесус.
Иницијативата AКT-A го започна својот повик за помош за постигнување глобална еднаквост во борбата против епидемијата во октомври 2021 година.