Mehmet Şah Yılmaz
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, телефонски разговараше со министерот за надворешни работи во привремената талибанска Влада на Авганистан, Амир Кан Мутаќи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи соопшти дека Мутаќи му посакал брзо оздравување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој е заразен со коронавирусот, и му се заблагодарил за првиот хуманитарен воз кој донесе хуманитарна помош од Турција во Авганистан.
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, истакнал дека наскоро се очекува нов хуманитарен воз да тргне кон Авганистан.
Чавушоглу во разговорот со Мутаќи нагласил дека воспоставувањето инклузивна влада во Авганистан е важно за стабилноста и мирот на земјата. Тој, исто така, ја изразил загриженоста на Турција поради јавувањата за исчезнувањето на повеќе активистки во Авганистан.
Истакнувајќи дека е важно и образованието на девојчињата, Чавушоглу наведе дека турските власти ги следат позитивните чекори преземени во Авганистан во тој поглед.
Чавушоглу и Мутаќи разговараа и за прашањето за повторно активирање на училиштата „Маариф“ во Авганистан.
Една од темите беа и преговорите кои се водат за работата на аеродромите во Авганистан, со кои би можеле да управуваат Турција и Катар.