Hanife Sevinç,Berk Özkan
18 Декември 2021•Ажурирај: 19 Декември 2021
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција никогаш не им го свртела грбот на Африка и африканските народи и дека силно ги поддржува ослободителните движења на континентот, особено во северноафриканските земји, и покрај тешките услови, известува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во своето обраќање на 3. Самит на турско-африканското партнерство, што се одржува во Истанбул, потсети дека 2005 година во Турција беше прогласена за „година на Африка“, со што е отворена нова страница во односите со тој континент.
„Обемот на нашата трговија со африканскиот континент што изнесува 5,4 милијарди долари, надмина 25,3 милијарди во 2020 година. Внимателно го следиме Договорот за слободна трговија со африканскиот континент што стапи во сила на 1 јануари 2021 година. Верувам дека со заеднички напори ќе ја зголемиме билатералната трговија со Африка на 50 милијарди, а потоа и на 75 милијарди долари. Настојуваме заеднички да победуваме, заедно да се развиваме и заедно да чекориме кон иднината“, рече Ердоган.
Претседателот на Турција истакна дека бројни институции и компании од неговата земја делуваат на африканскиот континент.
„Дополнително го проширивме нашето присуство низ континентот благодарение на активностите на нашите институции, како што се Турската агенција за координација и соработка (ТИКА), Институтот ‘Јунус Емре’, Фондацијата ‘Маариф’, 'Туркиш ерлајнс' и Црвената полумесечина“, изјави Ердоган.
Ердоган истакна дека Турција планира да испрати 15 милиони дози вакцини против Ковид-19 во Африка.
„Освен тоа, кога ќе заврши процесот на развој на Турковак, ќе ја ставиме нашата вакцина на располагање на целото човештво, вклучувајќи ги и нашите африкански браќа“, рече турскиот претседател.
Ердоган се осврна и на бројните неправди што се прават на африканскиот континент.
„Голема неправда е што африканскиот континент, на кој живеат 1,3 милијарди луѓе, нема право да зборува и да одлучува во Советот за безбедност на Обединетите нации“, рече Ердоган и додаде:
„Со борбата што ја водиме под слоганот ‘Светот е поголем од 5’, не се бориме само за себе, туку и за нашите африкански браќа и сестри.“
Претседателот на Турција често во своите обраќања истакнува дека „светот е поголем од 5“, алудирајќи на петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Нагласи дека одлично ги разбира и проблемите со безбедноста со кои со години се соочуваат голем број земји во Африка.
„Нашата држава, која речиси 40 години се бори против сепаратистичкиот тероризам, многу добро знае со каков безбедносен предизвик се соочуваат нашите африкански браќа“, рече Ердоган.
Како што рече, Самитот во Истанбул е одлична можност за дополнително јакнење на односите меѓу Турција и африканските земји.
„Се надеваме дека ќе ја одбележиме иднината на турско-африканските односи со активностите што ќе ги спроведеме и одлуките што ќе ги донесеме денес“, порача Ердоган.
Се очекува дека 3. Самит на турско-африканското партнерство, што започна во четвртокот, ќе ги подигне односите меѓу Турција и африканскиот континент на уште повисоко ниво.