Ekipa
04 Февруари 2021•Ажурирај: 05 Февруари 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Механизмот Ковакс објави план за дистрибуција на вакцини против Ковид-19 за земјите во развој, според кој, до средината на годината, 145 земји кои спаѓаат во оваа група ќе добијат дози за 3,3 отсто од населението, јавува Агенција Анадолија (АА).
Се проценува дека испораката на првите вакцини ќе започне на крајот на февруари.
„Првата индикативна распределба опфаќа 240 милиони дози од вакцината на „АстраЗенека“/„Оксфорд“, која ја произведува Институтот за серум во Индија“, рече Сет Беркли, главен извршен директор на „Гави“, сојуз за вакцини кој сака да го зголеми пристапот до имунизација на земјите во развој.
„Исто така опфаќа и 96 милиони дози од истата вакцина осигурана според напредниот договор за набавка потпишан директно помеѓу „Гави“ и „АстраЗенека“, но и 1,2 милиони инјекции на вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“ против Ковид-19“, додаде Беркли.
Ен Линдстранд, координаторка во Светската здравствена организација за програми за имунизација, истакна дека ова е фантастична вест.
„Можеме да започнеме со вакцинација. Доаѓа во следните недели“, рече Линдстранд.
Шефот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, претходно предупреди дека иако развојот на вакцините претставува голем успех, светот не смее да дозволи воведувањето на нови вакцини да ги продлабочи веќе постојните нееднаквости, ниту пак да доведе до нови.
Земјите ќе добијат дози пропорционално според големината на популацијата.
Најмногу ќе добие Индија (97,2 милиони), потоа следуваат Пакистан (17,2 милиони), Нигерија (16 милиони), Индонезија (13,7 милиони), Бангладеш (12,8 милиони), Бразил (10,6 милиони), Кенија (4,2 милиони), Судан (3,4 милиони), Јемен (2,3 милиони) и Сирија (1,02 милиони).
Ковакс е поставен со цел да обезбеди праведна распределба на вакцините за земјите и за луѓето кои имаат потреба.
Меѓу земјите во регионот, Србија ќе добие најмногу (345.600), потоа следуваат Босна и Херцеговина (180.000), Албанија (141.600), Северна Македонија (103.200), Косово (100.800) и Црна Гора (84.000).
Механизмот Ковакс е воспоставен со цел да обезбеди праведна распределба на вакцините за земјите низ светот.