Zuhal Demirci
25 Април 2020•Ажурирај: 26 Април 2020
АНКАРА (АА) - Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека епидемијата на новиот вид коронавирус, Ковид-19, ги прекинала глобалните имунолошки услуги, а таа состојба може да доведе до појава на епидемии кои можат да имаат други катастрофални последици, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на УНИЦЕФ се забележува дека милиони деца низ светот се изложени на ризик поради прекинот на услугите за вакцини против сипаници, дифтерија и детска парализа, како резултат на коронавирусот.
Се нагласува дека многу земји ги прекинале кампањите за масовно вакцинирање против детската парализа, додека 25 земји ги одложиле своите кампањи за вакцинирање против мали сипаници.
Забележувајќи дека поради епидемијата на Ковид-19, 20 милиони деца под едногодишна возраст не можат да се вакцинираат против сипаници, детска парализа и други болести, се додава: „Во 2018 година, низ светот 13 милиони деца под едногодишна возраст не беа вакцинирани, значителен број од овие деца живеат во земјите со слаб здравствен систем.“
Од друга страна, од УНИЦЕФ се предупредува дека прекинот на вакцинирањето може да доведе до епидемии со катастрофални последици оваа година и следните години.
- „Клучни се нашите напори за да се обезбедат вакцини за децата“ -
Главниот консултант и шефот на единицата за имунизација при УНИЦЕФ, Робин Нанди, во изјавата за ова прашање рече дека прекинот на услугите за вакцинирање ги става во опасност животите на милиони деца.
„Ковид-19 продолжува да се шири низ целиот свет, нашите напори за обезбедување вакцини за децата се клучни. Прекинот на услугите за вакцинирање ги става во опасност животите на милиони деца“, рече Нанди.