Yeşim Sert Karaaslan
23 Март 2020•Ажурирај: 23 Март 2020
АНКАРА (АА) - Проф. д-р Мехмет Џејхан, од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Хаџетепе“ во Анкара, во разговорот со Агенција Анадолија (АА) се осврна на истражувањата за пронаоѓање вакцина за коронавирусот и за текот на пандемијата.
Наведувајќи дека првото правило за заштита од коронавирусот Ковид-19, за кој е прогласена пандемија од Светската здравствена организација (СЗО), е хигиената, Џејхан рече дека е важно секој да постапи во согласност со правилата утврдени од здравствените работници, особено за миењето на рацете.
Џејхан, истакнувајќи дека новиот вид коронавирус може да се пренесе од лице на лице за време на периодот на инкубација, кога пациентот не покажува никакви симптоми, додаде: „Периодот на инкубација на болеста варира помеѓу 2 и 14 дена. Овој вирус се пренесува преку водените капки. Ковид-19 се пренесува за време на периодот на инкубација, затоа треба да сме претпазливи и да внимаваме на социјалната изолација и хигиена.“
- „Не знаеме колку ќе бидат успешни студиите за вакцинирање“ -
Проф. д-р Џејхан истакна дека Ковид-19 се шири побрзо од МЕРС и САРС, кои исто така се од семејството коронавируси.
Посочувајќи дека новиот вид коронавирус побргу се пренесува во споредба со САРС и МЕРС, Џејхан рече: „Коефициентот на зараза кај МЕРС изнесуваше 2, кај САРС 1,8. Додека кај Ковид-19 е околу 3.“
Тој наведе дека студиите за вакцинирање продолжуваат, но дека не се знае дали ќе се најде вакцина и колку ќе бидат успешни студиите за вакцини.
„Вакцината на која работат САД е различна. Тие разгледуваат дали вакцината претходно развиена за САРС е ефикасна за Ковид-19. Бидејќи Ковид-19 и САРС 85 проценти се генетски слични. Затоа испитуваат дали ќе биде ефективна“, нагласува професор Џејхан.
- „Кај САРС вирусот најверојатно мутираше и заврши“ -
Професорот Џејхан вели дека појавата на Ковид-19 на различни континенти укажува на тоа дека станува збор за пандемично заболување.
Нагласувајќи дека е можно пандемијата да заврши на 3 начина, Џејхан рече:
„Или значителен број луѓе ќе станат имуни и вирусот повеќе нема да се шири или пак ќе се најде вакцина. Како трето вирусот ќе мутира и ќе го изгуби преносот од човек на човек. Пандемијата ќе заврши само на еден од овие три начина. На пример, вирусот САРС веројатно мутирал и заврши на тој начин.“