Dilan Pamuk
12 Февруари 2021•Ажурирај: 15 Февруари 2021
ЕРЗИНЏАН (АА) - Центарот за зимски спортови во источната турска област Ерзинџан стана омилен кај домашните и странските туристи поради своите природни патеки, пишува Агенција Анадолија (АА).
Зимските спортови и туристичкиот центар на планината Ерган нуди над 17 километри ски-патеки кои исто така овозможуваат ноќно скијање.
Отворен пред осум години, Центарот секоја година е домаќин на илјадници локални и странски ентузијасти на скијање, обезбедувајќи им на посетителите единствено скијачко искуство.
Домаќин е и на светски меѓународни организации благодарение на должината на својата скијачка патека и квалитетот на снегот.
На само 13 минути возење од аеродромот и на 12 километри од градот, ски-центарот е ценет и поради неговата погодност во однос на транспортот.
Зимскиот центар нуди шест патеки со должина од 1.363 до 2.500 метри, како и разни нивоа на патеките според тежината на нивно совладување.
Бидејќи патеките се поврзани, центарот им нуди на страсните скијачи уникатно непрекинато скијачко искуство.
На падините на планинскиот венец Мунзур на надморска височина од 2.970 метри, центарот за зимски спортови има нов систем на ски-лифт со нова технологија со капацитет од 2.700 луѓе на час и жичница со капацитет од 1.000 лица на час.
Нудејќи им на посетителите незаборавен одмор покрај езерото Ардиџли, одморалиштето има и места за забава што можат да ги задоволат потребите на посетителите.
Ајтекин Саналан, член на Извршниот одбор на Меѓународната планинарска скијачка федерација и член на Комисијата за меѓународни односи на Турската планинарска федерација, за Агенција Анадолија изјави дека планината Ерџан има голем потенцијал за скијање.
- Не се разликува од познатите ски-центри низ Европа -
Истакнувајќи дека видел многу скијачки центри во светот поради натпреварите на кои учествувал, Саналан рече дека планината Ерган е скијачко одморалиште што може да се стави на листата три најдобри ски-центри во Европа.
„Кога ќе стапнете на патеките овде [на планината Ерган], не можете да видите никаква разлика од оние во Европа. Скијачкиот центар на планината Ерган го привлече вниманието на домашните, а особено на странските љубители на скијањето и трагачите по адреналин“, рече тој.
Саналан додаде дека може да се изградат стотици километри нови патеки на планината.
Јилмаз Унал, член на Одборот за планинарско скијање при Турската планинарска федерација и претседател на Клубот за специјализација на планинарско скијање на Ерзинџан (EDKIK), рече дека планината го привлекува вниманието на меѓународните спортски организации.
Тој истакна дека Ерган беше домаќин на Светскиот шампионат во ски-алпинизами и е меѓу сертифицираните планини.
„Планината се издвојува и по должината на нејзините патеки и по квалитетот на снегот. Ова место се претпочита поради неговите патеки и местоположбата“, рече тој.
- На скијачите им е потребен одмор за завршување на патеката -
„Ние им посакуваме добредојде на скијачите кои сакаат непрекинато скијачко искуство. Сигурен сум дека нема спортист што може да мине 17 километри без пауза. Тие треба да направат пауза за да ја завршат патеката“, додаде Унал.
Јелиз Есен, национална натпреварувачка во планинарско скијање, рече дека се подготвува за Првенството на Турција на планината Ерган.
„Сметам дека планината Ерган е прилично ефикасна и привлечна. Споредувајќи ја планината Ерган со другите скијачки центри во кои сум била, таа е повозбудлива поради својата површина што ја зафаќа, надморската височина и наклонот“, рече Есен.
Скијачот Ерман Чимен рече дека престојувал во многу скијачки центри и дека непрекинатото скијачко искуство со езерски пејзаж на планината Ерган е неповторлива радост за него.