Behlül Çetinkaya
13 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, рече дека доколку покрај повикот за примирје, на Ерменија ѝ биде упатен повик да се повлече од азербејџанската територија, тогаш тоа ќе биде показател на желбата на меѓународната заедница да го реши проблемот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Доколку покрај повикот за примирје, на Ерменија ѝ биде упатен повик да се повлече од азербејџанска територија, тогаш можеме да ја видиме желбата на меѓународната заедница за решавање на овој проблем“, рече Чавушоглу.
Зборувајќи на заедничката прес-конференција со шведската министерска за надворешни работи, Ан Линде, турскиот министер изјави дека Турција е подготвена да ги исполни сите критериуми за членство во Европскара Унија (ЕУ), доколку Блокот сака да преговора со искреност.
Чавушоглу ја потврди решеноста за членство на Турција. Тој, сепак, рече дека ЕУ треба да донесе сериозни одлуки за многу прашања, вклучително и за проширувањето.
„Ние исто така ги оценивме регионалните прашања, вклучувајќи го Нагорно Карабах и Сирија, како и билатералните односи“, изјави Чавушоглу.
„Очекуваме поконкретна поддршка и соработка од Шведска во борбата против тероризмот“, рече Чавушоглу, осврнувајќи се на активностите на терористичките организации ПКК и ФЕТО во Шведска.
„Многу членови на ФЕТО поднесоа барања за азил во Шведска и за жал, тие беа прифатени“, додаде тој.