Nazlı Yüzbaşıoğlu
03 Август 2021•Ажурирај: 05 Август 2021
АНКАРА
Осумнаесеттата обука за воено новинарство, што Агенција Анадолија (АА) ја организира заедно со турската Полициска академија и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), со учество на 24 претставници на медиумите ќе започне на 9 август.
Од 2012 година досега на обуката, која е координирана од Академијата за новинарство на АА, водена од академици, професионални претставници на безбедносните сили и искусни репортери, учествуваа 327 претставници на медиумите, од кои 118 странци.
Во програмата за обука од воено новинарство, што ќе се одржи во Анкара од 9 до 20 август, ќе учествуваат 24 претставници на медиумите од Азербејџан.
Обуката што се врши со поддршка на инструктори на Вооружените сили на Република Турција и Управата за вонредни состојби е единствена од тој вид во Турција.
Учесниците на обуката, која трае 12 дена, следат настава што трае вкупно 108 часа, од кои 62 часа се практична настава. Во рамките на теорискиот дел, учесниците имаат настава по известување, лична безбедност, воено право, прва помош, напредни техники на возење, преживување во вода, заштита од хемиски и биолошки напади и однесување во вонредни ситуации.
Предавањата се од областите читање карти и одредување рута на воени и поморски операции, прва помош при напад со хемиско, биолошко, радиолошко и нуклеарно оружје, воени теории и терминологии, бегалци и бегалски кампови, технологија и безбедност на информации во вонредни ситуации, самоодбрана, воено право, геополитика на Блискиот Исток, преживување во вода, стратегија на преговарање, безбедност и напредни техники на возење, симулација на преживување, на киднапирање и заложничка криза, сопствена безбедност, преживување на заседи, природни катастрофи, експлозии и опасни зони, тероризам, процедури на анализа на ризик, принципи на известување во вонредни ситуации, ноќно кампување, терористички организации од новата генерација и ФЕТО и многу друго.
Претставниците на медиумите во таа прилика учат со какви потешкотии и закани можат да се соочат кога работат на терен и при известување од подрачја зафатени со природни катастрофи и судири, и на тој начин се стекнуваат со информации и искуства што можат да им помогнат во преживувањето.
Претставниците на медиумите кои успешно ќе ја завршат програмата на обуката се стекнуваат со сертификат. Обуката се спроведува на турски јазик, со превод на англиски, руски и арапски јазик.