Ayşe Şensoy Boztepe
14 Септември 2018•Ажурирај: 15 Септември 2018
АНКАРА (АА) - На свечената церемонија во Анкара, главниот град на Турција, доделени се сертификати на новинарите и фоторепортерите кои учествуваа во 13. Програма на обука за известување во воени и кризни услови, кои ги организира Anadolu Agency (AA), во соработка со турската Полициска академија и Турската агенција за соработка и координација (TIKA).
Оваа Програма е само една во низата програми кои се организираат во рамките на визијата на АА по повод 100- годишнината од основањето, а Програмата за воено новинарство на АА, овој пат успешно ја завршија 24 новинари и фоторепортери кои ја поминаа обуката.
Заменик-генералниот директор и главен и одговорен уредник на АА, Метин Мутаноглу, во обраќањето на церемонијата потсети дека ова е 13. по ред Програма на обука за воено новинарство која ја организира АА.
„Тука не станува збор за програма која е наменета само за турските медиуми или само за вработени на АА. Цел ни беше во оваа Програма да се вклучат нашите колеги новинари од сите делови на светот. Во таа смисла имавме многу значајна поддршка на ТИКА. Секако, тука се Полициската академија, Вооружените сили на Турција, АФАД - сите вложија многу труд“, истака Мутаноглу, заблагодарувајќи им се на поддршката.
Тој нагласи дека еден од најзначајните фактори на оваа обука е фактот што оние кои ја поминале обуката утре во случај на потреба ќе знаат да се заштитат себеси и ќе знаат како треба да се однесуваат во воени или околности на криза.
Заменик-директорот на Полициската академија на Турција, Фатих Инал, истакна дека еден од најзначајните показатели на успешност на оваа Програма е фактот што различни култури на светот се нашле на едно место.
Тој истакна дека Турција со 4 милиони бегалци е земја која досега примила најголем број бегалци во светот, и дека во тој контекст Турција е идеално место за обука во вонредни и кризни ситуации.
На присутните, исто така им се обрати и координаторот на Академијата за новинарство на АА, Умит Сонмез, заменик-координаторот на Академијата за новинарство на АА, Хајри Четинкуш, координаторот на образовни проекти на ТИКА, Мустафа Хасим Полат, како и голем број гости.
Својот придонес во Програмата го даде и Управата за вонредни ситуации при Владата на Република Турција (АФАД), како и турските вооружени сили. Програмата нудеше обука од областите воено новинарство, покривање на приказни за тероризмот, бегалци и известувања во непријателско опкружување, како што се хемиски и биолошки напади. Исто така, оние кои ја поминаа Програмата поминаа и обука од доменот на лична безбедност, прва помош, самоодбрана, напредни техники на возење, техники на преживување и обука за пловење.
Во рамките на Програмата за воено новинарство најуспешен беше Дражен Радулов, втор беше Анел Нурковиќ, а трет, Беким Чобовиќ. Сертификатите и признанијата од обуката на најдобрите ја врачи заменик-генералниот директор и главниот и одговорен уредник на АА, Метин Мутаноглу.