Ahmet Furkan Mercan
30 Јули 2019•Ажурирај: 01 Август 2019
АНКАРА
АХМЕТ ФУРКАН МЕРЏАН
Во Анкара во тек е 15. Програма на обуката за воено новинарство, која ја организираат Anadolu Agency (AA), Полициската академија во Анкара и Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА). Обуката ја посетуваат 21 новинар од 11 земји, а како што наведуваат за АА, оваа обука им помогнала да стекнат самодоверба, како и да бидат повеќе подготвени да известуваат од подрачјата кои се зафатени од војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Програмата се реализира во рамките на Програмата за обука на новинари (MEP) на ТИКА, а станува збор за прва обука која се одржува на арапски јазик.
Новинарката од Тунис, Видед Медфаи, истакна дека станува збор за многу сериозен и тежок едукациски процес, благодарение на кој имала можност да научи многу корисни работи, кои се неопходни во вонредни ситуации.
Освен теоретскиот дел, тука секако е и практичниот дел на обуката, кој, како што истакнува Медфаи, е многу потежок.
„Практичниот дел од обуката е многу потежок. Прво имав одредена доза на страв, мислев дека добар дел од тоа нема да бидам во состојба да го направам“, изјави Медфаи.
Во секој случај, Медфаи нагласува дека станува збор за обука која ѝ ја вратила самодовербата.
„Во случај да извршувам вакви задачи на терен, мислам дека ќе бидам многу поподготвена и дека својата работа ќе ја извршувам на многу поквалитетен начин. Бидејќи оваа обука ни дава навистина самодоверба и храброст. На секое следно ниво тоа е сè поголемо“, истакнува Медфаи.
Мустафа Алсади, кој пристигна на обука од Ирак, вели дека како новинар следел некои антитерористички активности во неговата земја и дека обуката на која ќе присуствува во Анкара ќе му биде од голема корист.
„Пред да дојдам овде, не мислев дека се работи за толку сериозна обука. Мислев дека ќе помине површно. Но, навистина, ова е сериозна, голема и детално осмислена програма. Она што имам можност да го научам овде е многу корисно. По оваа обука, ќе можам подобро да ги следам акциите на специјалните единици во борбата против тероризмот. Задоволни сме што АА го сподели своето 100-годишно искуство со нас“, рече Алсади.
Обуката ја посетува и новинар од Јужен Судан, Ибрахим Нјекир, кој изјави дека новинарите кои известуваат од подрачјата зафатени од војна, благодарение на оваа обука, ќе можат многу поквалитетно да ја извршуваат оваа работа.
„Со оваа работа се занимавам веќе 10 години и немав можност претходно да учествувам на еден вака детален едукациски процес. Мислам дека, како и сите мои колеги, ќе имам корист од оваа обука“, порача Нјекир.