Sinan Uslu
06 Јануари 2017•Ажурирај: 07 Јануари 2017
АНКАРА (AA) - Од почетокот на интервенцијата на турските вооружени сили во северниот дел на Сирија, офанзивата позната под името „Штитот на Еуфрат“, турската војска неутрализирала 1.536 терористи на ДЕАШ и 306 терористи на ПКК/ПЈД, јавува Anadolu Agency (AA).
Во неделното соопштение од Генералштабот на турската војска се наведува дека акцијата за сузбивање на дејството на терористите во југоисточна Турција е во тек, како и тоа дека продолжуваат акциите „Штитот на Еуфрат“ на северот на Сирија.
Во соопштението се наведува дека антитерористичките акции се изведуваат во турските градови Хакќари, Ширнак, Дијарбакир, Мардин и Битлис.
При претресот на терористичките засолништа во југоисточна Турција запленети се 108 стебла канабис, 4.814 килограми наркотици во прав и 395.917 кутии криумчарени цигари. Продажбата на наркотични средства е еден од значајните извори на приход за терористите.
Војската исто така откри 6.333 лица со илегален престој во горенаведениот дел на Турција.
Во соопштението се истакнува дека од 24. август 2016 година, кога започнала акцијата „Штитот на Еуфрат“, до денес поминале 136 дена. Во потегот Азез - Џарабулус турската војска воспоставила контрола над 226 населби и го обезбедила подрачјето од 1.870 квадратни километри.
Исто така, продолжуваат акциите кон Ал-Баб. Терористите на ДЕАШ се протерани од крајните северни и западни делови од градот.
Во соопштението се вели дека од почетокот на акцијата „Штитот на Еуфрат“, досега се убиени 1.362 припадника на ДЕАШ, 168 се ранети, а шестмина заробени. Вкупно се неутрализирани 1.536 припадници на споменатата организација.
Кога се во прашање терористите на ПКК/ПЈД, во соопштението на турската војска се наведува дека досега се убиени 291 терорист, четворица се ранети, а 11 се предале. Вкупно неутрализирани се 306 припадници на оваа терористичка организација.
Воздушните сили на турската војска бомбардирале 969 позиции со 1.058 бомби.
Во соопштението на Генералштабот на турската војска особено се нагласува дека се преземаат сите можни мерки за да не страдаат цивилите.