Barış Gündoğan
06 Јануари 2017•Ажурирај: 07 Јануари 2017
ШАНЛИУРФА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган се обрати на заедничкото отворање на проекти во Шанлиурфа, каде што изјави: „Каде што престануваат акциите на сепаратистичката организација, презема ДЕАШ, каде таа ќе престане, презема ФЕТО, каде што ФЕТО ќе престане, некоја друга организација ја презема предавничката дејност. Оваа реалност веќе никој не може да ја негира. Некој овие организации посебно ги храни, ги вооружува, им дава моќ и ги упатува да ја нападнат Турција. Оние што не можат храбро да излезат и да се борат со нас, преку терористичките организации се обидуваат да нѐ стават под свое. Ние им велиме: храбрите издржуваат, кукавиците бегаат. Ние како народ, во ниту еден период од нашата историја не избегавме“, јавува Anadolu Agency (AA).
- „Оние што ќе им го скратат спокојот на нашите граѓани, ќе ја платат цената за тоа“
„Висока е цената што ќе ја платат за секој загинат херој. Нема да можете повеќе да доаѓате од Сирија и да ја окупирате оваа територија. Каде и да има припадници на ПКК или ПЈД, или пак кој било друг, во Кандил и на југоистокот, сите што шират тероризам во оваа држава ќе ја платат цената. Оние што ќе им го скратат спокојот на моите граѓани, ќе ја платат цената за тоа“, истакна Ердоган.
- „Ќе продолжиме по овој пат сѐ додека не расчистиме“
„Вистинската намера на оние што под изговор на ДЕАШ ја уништија Сирија, бомбардирајќи ја секојдневно, всушност се виде кога Турција влезе на овие простори и почна да ја чисти оваа организација. Оние што до вчера велеа: ’Зошто не се борите против оваа организација’, сега тие истите велат: ’Немојте да одите предалеку, останете на 20 километри’. Невозможно е такво нешто, ќе продолжиме по нашиот пат, сѐ додека не ја расчистиме оваа работа“, рече претседателот.
„Ја започнаа операцијата во Мосул, со цел да ѝ ја намалат силата на Турција, потоа забавија, операцијата во Рака ја одложија. Зошто одложувате, ДЕАШ е таму. Нели ДЕАШ беше цел против која ќе се боревте, зошто не се борите? Всушност планот беше сите овие операции да се водат заедно. Видоа дека Турција се приближи решително, веднаш ги сменија плановите. За нас веќе нема враќање назад. Нема да застанеме додека не ги исчистиме и Ал-Баб и Мунбич, и сите други региони од терористичките организации“, истакна Ердоган.
- „Никој не ќе има сила да ја сруши оваа држава“
„Нашата најголема чест е да умреме под знамето под коешто се родивме. Затоа велиме, никој не ќе има сила да ја сруши оваа држава со тероризам, економија и различни злонамерни сплетки“, рече претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.