Ivana Ramadanova
14 Април 2016•Ажурирај: 15 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција апелираше протестите да бидат мирни и ненасилни, додавајќи дека на вчерашните масовни протести немало пропусти во раководењето на полицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Спасовски рече дека секој има право на протест, но како што доликува во демократскиот свет, да нема насилство врз полицијата и уништување на приватен имот. Тој ги замоли граѓаните на полицијата да гледаат како партнер и на некој кој е тука да ги штити.
"Работата на полицијата е да го обезбеди јавниот ред и мир. Полицијата цело време беше присутна, но тие се селеа заедно со демонстрантите од место на место. На внатрешна контрола на СВР Скопје им е дадена задача да испитаат дали на протестите имало прекумерна употреба на сила од страна на полицијата", рече Спасовски.
Прашан за наводите за приведување на 12 лица и за кражба на компјутер од канцеларијата на Претседателот на Република Македонија, тој рече дека има 13 приведени и дека моментално се работи во СВР Скопје на расчистување на целиот настан и дека во скоро време ќе има детална информација за учеството и стореното нарушување на јавниот ред и мир. Тој, исто така, посочи дека тие се држат врз основа на овластувањата и насоките добиени од Јавното обвинителство на Република Македонија.
Министерот додаде дека напишал нови решенија откако Владата претходните ги прогласи за неважечки. Тој апелираше до новинарите на протестите да бидат видно обележани за полицијата да може да ги разликува од толпата. Министерот за внатрешни работи апелираше и до организаторите на протестот да ги најавуваат и да ги пријавуваат протестите.