Merve Aydoğan
12 Јуни 2018•Ажурирај: 13 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Само уште неколку месеци останаа до големото отворање на аеродромот во Истанбул за кој се очекува дека ќе превeзува 90 милиони патници годишно и дека до 2023 година овој број ќе се зголеми на најмалку 150 милиони патници, јавува Anadolu Agency (AA).
„На почетокот ќе има капацитет од 90 милиони патници годишно. Во 2023 година овој број ќе се зголеми на 150 милиони патници. Конечно ќе го имаме нашиот единствен аеродром“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на ифтарот во неделата.
Ердоган во истиот говор изјави дека новиот аеродром се наоѓа меѓу трите водечки светски аеродроми.
Турција ја извести Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (IATA) и Меѓународната организација на цивилно воздухопловство (ICAO) за отворањето на аеродромот на 29 октомври 2018 година, на Денот на Република Турција. Министерот за сообраќај, Ахмет Арслан, веќе најави дека над 90 отсто од изградбата на новиот аеродром е завршена.
Турскиот претседател претходно најави дека проектот ќе обезбеди над 26 милијарди евра приходи на Владата на Турција.
Аеродромот го гради конзорциум од пет изведувачи: „Limak“, „Kolin“, „Cengiz“, „Mapa“ и „Kalyon“. За називот на аеродромот сè уште не е одлучено. Претседателот Ердоган изјави дека петте изведувачи на работата би можеле да одлучат за името.
Со вложување од 120 милиони евра новиот истанбулски аеродром ќе биде дом на најголемиот светски трговски комплекс без царина. Во продажниот комплекс кој изнесува 53.000 квадратни метри се наоѓаат и продавници на луксузни брендови.
Вкупно 1,38 милијарди лица поминаа низ аеродромите во земјата во текот на последните 10 години, од 2008 до 2017 година, покажуваат податоците на Генералната дирекција на Државните аеродромски власти (DHMI).