АНКАРА/ТРАБЗОН (АА) - Низ Туркије, голем број компании, јавни установи, универзитети и обични граѓани одлучија да ги бојкотираат производите на брендовите кои го поддржуваат Израел, јавува Анадолу.
Ваквата одлука дојде како одговор на бруталните израелски напади врз Појасот Газа.
Првин, турскиот Парламент објави дека повеќе нема да ги користи производите на компаниите кои ја поддржуваат агресијата на Израел.
„Во Големото народно собрание на Туркије нема да користиме никакви производи на компании кои ја поддржуваат израелската агресија“, истакна претседателот на Големото народно собрание на Туркије, Нуман Куртулмуш.
„Отсега нема да купуваме ништо и ќе го фрлиме она што го имаме купено претходно“, додаде тој.
Потоа, Универзитетот Босфор (Богазичи) во Истанбул соопшти дека е одлучено на оваа образовна установа да се прекине продажбата на производи на брендовите кои ја поддржуваат израелската окупациска политика.
„Донесена е одлука во објектите на Универзитетот Богазичи да се запре продажбата на производи на брендовите кои ја поддржуваат израелската окупациска политика сѐ додека Израел не се повлече од окупираните палестински територии“, се наведува.
Универзитетот Босфор (Богазичи) е еден од најдобрите универзитети во Туркије и меѓу попознатите универзитети во Европа.
Техничкиот универзитет Карадениз (КТУ) и Универзитетот во Трабзон, исто така, одлучија да престанат да купуваат производи од брендови кои го поддржуваат Израел.
„Ние стоиме покрај Палестина и затоа го започнавме бојкотот. Во нашите објекти во Универзитетот во Трабзон повеќе нема да се продаваат производи од брендовите за кои се знае дека обезбедуваат економска поддршка за израелските злосторства против човештвото во Газа“, се наведува.
Турскиот универзитет Безмиалем објави дека во мензите, кафетериите и во сите објекти на оваа образовна установа е прекината продажбата на брендови за кои е познато дека ги поддржуваат израелските злосторства против човештвото во Палестина и Газа.
Компанијата Орду Енерџи АС, која работи во рамките на турската Општина Орду, објави дека го раскинала договорот со израелска компанија за инвестирање во енергија во вредност од 150 милиони долари.
Градоначалникот на Орду, Мехмет Хилми Ѓулер, изјави дека „бојкотот е национална волја“.
Во општинските објекти во градот Османије е исто така стопирана продажбата на израелски производи.
Градоначалникот Омер Тархан објави дека остро ги осудуваат израелските напади врз Газа и дека одлучиле да ги бојкотираат израелските производи.
„За жал, Израел врши геноцид врз нашите браќа муслимани во Газа. Затоа, во знак на протест, ги отстранивме израелските производи од полиците на нашите објекти“, рече тој.
Општините во турски Хатај, на 4 ноември ја прекинаа продажбата на израелски производи во своите објекти.
Компаниите и граѓаните и во другите земји започнаа со бојкот на израелските производи и компании кои го поддржуваат Израел.
Израел започна воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Во израелските напади врз Газа досега загинаа 10.569 Палестинци, од кои 4.324 се деца, а 2.823 се жени. Бројот на загинати во Израел е речиси 1.600, покажуваат официјалните податоци.
news_share_descriptionsubscription_contact


